Проект за подобра контрола на храната и болестите кај растенијата и животните

Дата на објава: 
1 Март 2017
Foto.jpg

Јакнење на пазарната економија и подобрување на конкурентноста на македонските земјоделско-прехранбени производи на пазарите на ЕУ преку ефикасна, гарантирана заштита на потрошувачите и стандардите за безбедност на храната, е целта на новиот твининг проект што во наредните 17 месеци ќе го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со финансиска поддршка на ЕУ.

 

Проектот „Понатамошно развивање на контролните системи на надлежните институции за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата”, е вреден 751.473 евра, а предвидува размена на искуства, пренесување знаења и добри практики за законодавството и ЕУ политиките за обезбедување високи стандарди за безбедност на храната.

 

- Проектните активности се всушност актуелни трендови во политиките на ЕУ за современо водење и управување на службите надлежни за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, истакна министерот за земјоделство Михаил Цветков на промоцијата.

 

Станува збор за продолжение на претходниот твининг проект кој беше во насока на подобрување на ефективноста на работењето на инспекциските служби, воспоставување пилот-систем за пасоши кај растенијата и подобрување на размената на податоците меѓу надлежните служби.

 

- Како краен резултат од проектот очекувам подобрување на системот за контрола на паразитските болести и болестите кои се пренесуваат преку вектори, обезбедување алатки за контрола на храната за животни и ветеринарно-медицинските препарати, функционалност на системот за зоонозите и алиментарните интоксикации, како и изработка на првата стратегија за благосостојба на животните, напомена директорот на АХВ и проект-лидер Зоран Поповски.

 

Тој изрази уверување дека продолжувањето на соработката со италијанските надлежни служби ќе значи постигнување резултати кои се од големо значење за унапредување на работењето на домашните институции од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, ветеринарното јавно здравство и фитосанитарната политика.

 

Поповски се осврна и на досегашните проекти спроведени со техничка поддршка на италијанските институции, кои, како што напомена, придонеле за постигнување на стратешките приоритети на АХВ, но и на Република Македонија во однос на исполнувањето на условите за пласман на македонските производи на Европскиот пазар.

 

- Се подготви патоказ за обезбедување слободен статус на земјава од болеста Класична свинска чума, документ за ерадикација на болеста Бруцелоза, контрола на болестите кај рибите и биосигурносни мерки на фармите, беа дел од активностите. Како резултат на тоа, производителите од Република Македонија веќе имаат можност да извезуваат конзумни јајца на пазарите на Европската унија, подвлече Поповски.

 

Со експертска поддршка, посочи, се подобри и системот за контрола во примарното производство на храната за животинско потекло, со акцент на производство на јајца, млеко, мед, фарми на свињи и рибници. Првпат беше подготвен и повеќегодишен план за контрола на храната за животни, а се воведоа и нови техники за контрола на електронска трговија и измамите со храна.

 

- Заштитата на здравјето на луѓето, животните и растенијата е приоритет, не само од економски, туку и од аспект на здравствената заштита. Појавата на жаришта на болести кај животните може да им наштети не само ним, туку и на луѓето, на целокупната економија и трговија, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар, дополнувајќи дека во ЕУ има 14 милиони одгледувалишта на животни, а колку што се посветува внимание на нивната здравствена состојба, толку сериозен е пристапот и кон здравјето на растенијата.

 

Жбогар оцени дека македонското законодавство во однос на хармонизирањето со европското има постигнато значителен напредок, но, сепак, укажа, постојат неколку области кои бараат натамошно подобрување.

 

Во рамки на проектот „Понатамошно развивање на контролните системи на надлежните институции за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата” е предвидено да се подготви нацрт-верзија на ново законско решение за здравствена заштита на животните, согласно новите политики на ЕУ во оваа област. Ќе се изврши и ревизија на постоечките закони за храна за животни и за ветеринарно - медицински препарати, а контролата на здравствената заштита ќе се унапреди во делот на паразитските болести и болестите кои се пренесуваат со вектори. Преземени ќе бидат и активности за подобрување на контролните системи за безбедност на храната за животни, а ќе се воведе и нова практика за антимикробна резистенција. Акцент ќе се стави и на зајакнување на системот за контрола на болестите кои се пренесуваат преку храна и на зоонозите.

 

Во делот на фитосанитарната политика ќе се обезбеди поддршка за воспоставување систем за идентификација и за прогнозирање на болестите кај растенијата, поддршка за употреба на пестициди, подобрување на пасошкиот систем и поддршка во воспоставувањето електронски фитосанитарен систем.