Откупени речиси 13.000 тони тутун за просечни 191 денар по килограм

Date of publication: 
23 December 2016
Foto.jpg

За пет недели од почетокот на откупот на тутунот (15. ноември), деветте откупувачи заклучно со вчера (22. Декември) откупија вкупно 12.968 тони тутун, односно 65% од очекувањата за годинашната реколта.

 

Просечната откупна цена е 191,39 денари по килограм, а според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство исплатата е реализирана со 90% или досега се исплатени две милијарди и 222 милиони денари.

 

Потсетуваме, субвенциите за тутунот изнесуваат 60 денари за килограм, што значи дека во моментов производителите просечно добиваат по 251 денар за килограм.

 

Инаку, според првичните проценки, во реколта 2016 се очекува да бидат откупени околу 20.000 тони тутун. Договор  потпишаа 10 претпријатија, од кои 9 го исполнија условот за откуп на тутунот, односно заклучно со 15 декември доставија банкарска гаранција дека обезбедиле средства за таа намена.

 

Тоа не беше случај со „Струмица Табак“, за која Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), согласно Законот за тутун и тутунски производи, даде предлог да биде избришана од Регистарот на откупувачи на тутун.

 

Имајќи предвид дека „Струмица Табак“ претходно потпиша договори за преземање на 2.200 тони тутун, министерот Михаил Цветков и директорот на ДИЗ Цветан Трипуновски вчера одржаа состанок со деветте фирми кои имаат лиценца за откуп на „жолтото злато“.

 

На состанокот сите претпријатија пријавија интерес за преземање на сите типови тутун од тие 2.200 тони и ќе бидат откупени од нивна страна, согласно Законот за тутун и тутунски производи.