Договорени насоки за успешен откуп на тутунот

Дата на објава: 
11 Ноември 2016
PB110002 (3).JPG

Годинашната реколта тутун е со исклучителено добар квалитет, но родот нема да ги задоволи потребите на откупувачите. Се очекува берба на околу 18.000 до 19.000 тони што е приближно исто ниво како лани.

Ова беше истакнато на денешниот работен состанок во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) на кој присуствуваа претставници и на здруженијата на земјоделците и тутунопроизводителите, како и на откупувачите.

Како што соопшти МЗШВ, десетте монополи склучиле 30.000 договори со тутунари и пројавиле интерес за откуп на 26.000 тони, а на состанокот се дефинирани и неколку заклучоци за успешно преземање на количините.

Министерот Михаил Цветков информира дека мострите се веќе изготвени и во понеделник ќе бидат доставени до сите откупувачи по што оние кои ги исполнуваат условите од Законот за тутун, ќе можат да почнат со откупот. Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трифуновски, пак, кој исто така беше на состанокот, истакна дека Инспекторатот како и во претходните години ќе биде присутен на откупните пунктови за да врши надзор врз примената на Законот.

- Во поканите за предавање на тутунот да биде наведена целокупната договорена количина, како и терминот на предавање доколку се врши во повеќе наврати, откупните организации да ги известат тутунските здруженија за плановите и динамиката на откуп со цел навремено информирање на поверениците од здруженијата, откупните организации според Законот за тутун на секој откупен пункт на видно место да ги истакнат верифицираните мостри од сите типови тутун кои ги откупуваат, а доколку се враќа тутунот од откупниот пункт поради влажност или други причини, тутунопроизводителот да биде известен за терминот на  следното преземање на тутунот, се вели во заклучоците за поуспешен откуп.

 

Договорено е и откупувачите ако доцнат со динамиката, да го организираат откупот со дополнителни термини (во саботи)  или во секојдневната линија да бидат вметнувани тутунопроизводителите на кои навреме не им е преземан тутунот. За ова да бидат известени и тутунопроизводителите и  инспекторатот за земјоделство.

Откупувачите кои доцнат со динамиката за откуп, на откупните пунктови да истакнат список на тутунопроизводители со термини за предавање на нивниот тутун, согласно член 29 од Законот за тутун производителот да го остави спорниот тутун во откупниот пункт каде што е извршена првичната процена, доколку за тоа има оправдана причина, тутунот да биде евидентиран во книгата за приговори од откупното претпријатие за да може второстепената комисија да изврши проценка. Доколку ваквата постапка не се запази, ќе се преземат казнени мерки согласно Законот.

- Според  член 23 од Законот за тутун, производителот е должен да го предаде тутунот во ден и време согласно известувањето доставено од откупувачот, доколку не е во можност навреме да го извести откупувачот. Секој откупувач, пак, согласно постоечката законска регулатива е должен на дневна основа да ги внесува податоците за откупот во електронскиот систем за евиденција на тутун на МЗШВ, стои во заклучоците.

Заклучоците ќе бидат написмено доставени до сите откупувачи и здруженија на земјоделци.