- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Продолжува владината поддршка за производството на оризДата на објава: 4 Октомври 2015Владата ќе продолжи да го поддржува производството на ориз преку директните субвенции од 11.000 денари за хектар и од 15.000 денари за оние кои користат сертифициран семенски материјал, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанаство Михаил Цветков, отворајќи ја 4. Меѓународна манифестација на кочанскиот ориз во село Прибачево. Со несмалено темпо, додаде Цветков, продолжуваат и инвестициите во системите за наводнување. Целта е во наредните десет години преку планираните вложувања во рехабилитација на постоечките и изградбата на нови системи, да се вратат сегашните 4.600 хектари на површините на кои некогаш се сееше оризот, односно на 8.000 до 9.000 хектари. Според министерот, со максимално ангажирање на сите структури особено по поплавите, исчистени се сите канали во должина од 95 километри и навреме е донесена вода потребна за сеидбата на оризот. - Долгогодишното искуство и традиција во производството на оризот, единствената житна култура која ја извезуваме, придонесоа за негова препознатливост на домашниот и на странскиот пазар. Несомнено е дека Македонија има природен потенцијал за квалитетно и конкурентно производство, но и финансиската подршка од државата е многу значајна и неопходна како од економски, социјален и трговски, така и од развоен аспект, нагласи министерот. Иако е се уште рано да се каже колкав ќе биде годинашниот род на оризот, продолжуваат активностите на Министерството за зголемување и стабилизирање на приносите. - Тоа го правиме стручно и постапно со воведување високоприносни сорти барани за извоз, кои носат поголеми приходи на производителите, посочи Цветков. Осврнувајќи се на проекциите, сработеното и она што допрва ќе се реализира во делот на наводнувањето, министерот информира дека во хидромелиоративниот систем Брегалница следните десет години треба да бидат инвестирани скоро 80 милиони евра во 37 проекти. Целосно е отворен пристапниот пат до круната на браната Речани, по што многу скоро се очекува да почне и изградбата на браната вредна околу 40 милиони евра. Приоритетно ќе биде водоснабдувањето на граѓаните на Кочани, а ќе се наводнуваат и 3.200 хектари земјоделски површини. Во тек е и постапката за објавување тендер за избор на изведувач за рехабилитација на каналот ГК 18-сет за кој се предвидени околу 80 милиони денари, додека на левиот канал, моментно се врши проценка за негова санација. - Анализите покажаа дека е потребна санација на оштетените делови од браната „Пишица“ поради што Владата ја стави на приоритетната листа. Вкупната проектирана вредност на санацијата е 84 милиони денари, а подготовките за градежните активности се почнати, рече Цветков и најави дека во наредните две до три години се планира да почне и изградбата на браните „Брегалница“ на Козјачка река и Гумена брана кај село Прибачево. Годинава се засеани 4.850 хектари или 235 хектари повеќе од лани и од нив се оечкува производство од над 25.000 тони оризова арпа. Во рамки на Меѓународна манифестација на кочанскиот ориз, на оризовите ниви во Прибачево беше демонстрирана рачна жетва, додека на сред село на гумно беше демонстрирана и вршидба на оризова арпа. На сред село се одржа и голем народен собир на кој учествуваа гости од збратимените градови со Кочани, фолклористи од Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово, Словенија и Турција. Присуствуваа и амбасадорот на Република Кина во Македонија Цуи Џивеи, директорката на Платежната агенција Билјана Вуковиќ, како и градоначалникот на општина Кочани, Ратко Димитровски. Димитровски ја истакна заложбата на општината за унапредување на земјоделството, посебно на оризот како препознатлив симбол на кочанскиот крај. Воедно го прогласи најдобриот земјоделец за годинава. Титулата му припадна на Влатко Христов од Прибачево кој доби парична награда за набавка на механизација. |