Отворен откупно-дистрибутивниот центар за јаболка „Apple Land“

Дата на објава: 
21 Септември 2015
132812639.jpg

Во индустриската зона „Макази“ кај Ресен денеска е пуштен во употреба новиот откупно-дистрибутивен центар за јаболка  „Apple Land“, инвестиција од пет милиони евра со која ќе се отворат 100 нови работни места.

На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и Ванчо Костадиновски, како и заменик-министерот за образование Спиро Ристовски и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо.

- Ваквата голема инвестиција во оваа област беше одамна исчекувана и вистински потребна за јаболкопроизводителите од преспанскиот регион. Денес таа стана реалност и верувам дека ефектите од неа набрзо ќе бидат почувствувани од страна на производителите. Современиот откупен центар претставува директна инвестиција од пет милиони евра во овоштарството  и тој има низа подобности, како што се можноста за откуп, калибрирање и складирање на јаболката користејќи притоа најнови технологии, истакна премиерот Груевски во обраќањето.

Тој изрази надеж дека со ова ќе се ублажи проблемот со откупот со кој во минатото се сочувале преспанските произведувачи на јаболка.

- Можноста да се има откупувач кој има директен пристап до меѓународните пазари има голем потенцијал да донесе поголема стабилност и предвидливост во оваа дејност, нешто што е од особено значење за понатамошниот раст и развој на производството на јаболка во преспанскиот регион, рече Груевски.

Министерот Цветков во своето обраќање напомен дека оваа инвестиција е прва во РМ каде складирањето на јаболката ќе може да изнесува  од десет месеци до 1 година со ист квалитет од денот на бербата до продажбата без никакви загуби или влијание врз квалитетот и класата, тоа е овозможено со најновата технологија за контролирани услови.

Нашите очекувања од работењето на овој комплекс, подвлече министерот Цветков, се во насока на натамошниот развој на јаболко производството преку соработка со производителите, организираното производство, проширување на сортиментот во согласност со барањата на пазарот, но и со примена на најдобрите земјоделски практики со што уште повеќе ќе се зголеми квалитетот на јаболката.

Сопственикот на компанијата Абдошамак Насер истакна дека неговите планови во Македонија не завршуваат со овој проект.

- Годинава ќе почнеме и со една фарма во која ќе имаме илјада крави, а сточарите ќе ги обучуваме во Австрија. Вториот проект ни е за извоз на цреши од Охрид за Дубаи. Овој објект планираме континуирано да го прошируваме  и инвестираме во него.