- Министерство
- За министерството
- Односи со јавност
- Документи
- Органско производство
- Ознаки за квалитет
- За EXIM корисници
Во Прилеп јавна расправа за новиот законот за тутунДата на објава: 10 Јули 2015Наместо на 10 април како досега, тутунарите да го добиваат семенскиот материјал 15 дена порано, на 25 март, предвидува новиот закон за тутун што денеска беше на јавна расправа пред здруженијата, научните институции, стопанските комори и откупувачите во Прилеп. Расправата ја организираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Институтот за тутун. Според ресорниот министер Михаил Цветков, новиот предлог доаѓа откако досегашниот закон од 2006 година претрпе преку 50 отсто измени. - Со новото предлог-решение го менуваме календарот за тутунопроизводство по барање на тутунарите, за навреме да ја почнат сеидбата на тутунот. Што се однесува до откупувачите, тие со постојниот и новиот закон се должни да обезбедат средства за откупот. Сега, откако целиот процес на производство се води компјутерски, може да ги обезбедуваат парите парцијално, додека откупуваат и плаќаат, а ќе продолжат со откуп откако ќе ги обезбедат другите средства, објасни Цветков. Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, понуди осум предлози кои беа прифатени. - Предлозите нудат поголема заштита на производителите, доближување до откупните компании, толерантност во откупот и во исплатата на тутунот. Откупот ќе трае до крајот на февруари, наместо до 15 март. Мострите ќе бидат готови до 15 ноеври, за потоа да може да почне откупот, рече претседателот на Сојузот Данчо Милески. Битно е, додаде, што откупувачите треба да авансират 15 отсто во откупот, со пари или репроматеријали, а за непочитување има казнени одредби. - Тутунарите ќе имаат сигурна исплата на тутунот, авансирање на производството, семенскиот материјал ќе го добијат порано за да се добие поголем квалитет на реколтата, нагласи Милески. |