Германска компанија гради откупно дистрибутивен центар во Богданци

Date of publication: 
24 April 2015
P4240016.JPG

Германската компанија „Таурус фарм“ денеска почна со изградба на откупно дистрибутивен центар за овошје и зеленчук во Богданци. На поставување на камен-темелникот присуствуваше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Цетков истакна дека Владата започна проект за инвестиции во откупно дистрибутивни центри кои треба да обезбедат полесен пласман на овошје и зеленчук преку примена на современи технологии на прием, селекција, калибрација и комори за складирање и дека поддршката се состои во обезбедување атрактивни локации и техничка поддршка во административни  процедури.

- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство понуди 27  можни локации за  откупно дистрибутивни центри со површина од 1 до 17 хектари од кои веќе се продадени 11 локации во Богданци, Ресен, Гевгелија, Кочани, Облешево, Неготино, Штип, Врапчиште, Илинден и Пехчево, истакна Цветков и нагласи дека заради зголемен интерес од страна на потенцијални инвеститори во процедура за пренамена се уште четири локации во Валандово, Босилово, Струмица и Могила.

Министерот Цветков потенцира дека Владата  и Министерството за земјоделство посветено работат на решавањето на предизвиците и потребите на земјоделците со определба да се поддржуваат сите инвестиции кои во крајна линија даваат бенефит за земјоделците.

Томас Шварц техничкиот дирекор на „Таурус Фарм“ рече дека ова е прва фаза од нивната соработка со овоштарите и градинарите од овој регион за кое истакна дека понатаму ќе се проширува и продлабочува на задоволство на двете страни.

Германската компанија на македонскиот пазар е присутна од 2012 година.