Средба на министерот Цветков со претставници на овчарски фарми

Дата на објава: 
21 Март 2015
P3210023.JPG

Годинава ќе се реализира проект за сто бачила во кој државата ќе вложи еден милион евра, а со кој ќе се овозможи развој на овчарството во Македонија.

Ова го изјави министерот за земјоделство Михаил Цветков при денешната средба со одгледувачите на овци од целата земја во бачилото Славија, во Мариово. Според министерот до крајот на мај ќе се исплатат одгледувачите на овци кои имаа угинат добиток од болеста син јазик.

- Се грижиме за оваа гранка. Даваме директни субвенции за секоја овца од по 1.000 денари, за секое женско јагне 700 денари, плус за автохтона сорта по 500 денари. Годинава одделуваме и по 4.000 денари односно околу 80 милиони денари за секоја загината овца од болеста син јазик, која ја нема повеќе на терен - изјави Цветков. 
Со проектот за сто бачила предвидено е државата да обезбеди услови, да се постави вода, струја, громобрани и на таков начин да се развива сточарството.

Инаку, сточарите разговараа за надминување на проблемите за продажбата на јагнињата, за исплатата на парите за откупено млеко и за други проблеми кои им се јавуваат, особено да се поттикнат младите да се занимаваат со овчарство.