ГЛОБАЛЕН ФОРУМ ЗА ХРАНА И ЗЕМЈОДЕЛСТВО (GFFA)

Дата на објава: 
22 Јануари 2015
GFFA_Podium_MG_1948_C_BMEL_Julian_Laidig.jpg

Централна тема на годинешниот Глобален форум за храна и земјоделство што се одржа во Берлин на 17-ти јануари 2015 година, на кој учествуваа министрите за земјоделство од сите континенти, беше „Растечката потреба од храна, енергија и суровина: предизвици за одржливо земјоделство и обезбедување доволни количини на храна“.

Одржливиот развој кој се темели на трите принципи, економски раст, социјален напредок и одговорно, одржливо користење на природните ресурси, со цел заштита на животната средина се основите на идната стратегија усвоена на форумот. На новиот стратешки правец кој се нарекува биоекономија, во иднина ќе се посветува големо внимание, а концептот на биоекономија го опфаќа производството на обновливи биолошки ресурси и претворање на тие ресурси во производи со додадена вредност како храна, добиточна храна, биоенергија и биопроизводи.

На глобално ниво, земјоделството мора да го зголеми своето производство и да ги намали загубите, со цел да се задоволи побарувачката на растечката глобална популација. Со ресурси кои стануваат сé поограничени, мора да се зголеми продуктивноста. Производство мора да биде економски оправдано, еколошки компатибилно и општествено одговорно.

За ова е потребна технологија, знаење,  искуство и инвестиции.

Министрите се согласија дека земјоделството е стожер, бидејќи ги поставува темелите за производство на храна, но истовремено заедно со шумарството претставува потенцијал за обезбедување обновливи извори на енергија. Недостигот од фосилни горива, влијанието на климатските промени, загадената животна средина и несигурноста во снабдувањето со енергија се главната причина заради која примената на обновливите извори на енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност се неопходни.

 

Затоа, министрите за земјоделство се согласија дека основна задача во идниот период е да се развие ефикасен и прилагодлив земјоделски сектор кон новите потреби, кој ќе ја надмине рамката на производство на храна и ќе претставува движечка сила на биоекономијата. Базирано на добрите практика и на науката. Секоја земја треба да развие сопствен модел за развој на биоекономијата кој ќе ги интегрира сите потенцијали што ги поседува.

 

На крај, министрите истакнаа дека не се само креаторите на политиките тие кои ќе ја понесат одговорноста, потребна е широка општествена посветеност за да се постигне целта. Затоа, ги повикаа меѓународните организации, невладините организации, граѓанското општество, индустријата и науката да ја споделат оваа одговорност и да се придружат во постигнувањето на глобалната цел.

Одлуките на министрите од форумот ќе бидат земени во предвид во меѓународните политички процеси како што се Г-7 и Г-20, на конференциите и состаноците на Обединетите нации.