Средба на министерот Цветков и заменикот Костадиновски со откупувачите на тутун и земјоделските здруженија.

Дата на објава: 
27 Декември 2014
PC270447.JPG

Најголем проблем при откупот и проценката на тутунот е неговата влажност, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по денешната средба во Министерството со претставници на тутунопроизводителите, на откупувачите и на Инспекторатот за земјоделство.

- Во овој откуп најголем проблем беше влажноста на тутунот од причини што времето беше доста влажно, така што најголем проблем со кој се соочија тутунарите при предавањето на тутунот е влагата која што ја има во тутунот. Согласно Законот, до 20 отсто влага во тутунот се признава. Откупните претпријатија толерираа и до 25 отсто, а се она над 25 отсто се враќаше и при тоа враќање настануваа проблемите. Оваа сезона и квалитетот на тутунот е доста понизок и е намален за една класа, рече Цветков.

Тој информира дека за сите овие проблеми станало збор на денешната средба и притоа е договорено со цел да се смалат тензиите и тутунарите да не чекаат по неколку дена за да го предадат тутунот, да има проток на информации помеѓу откупните претпријатија и тутунарите и таа да биде на повисоко ниво, а со цел секој оној што го предава тутунот да знае кога и како ќе го предаде.

Според министерот, договорено е да се информираат тутунарите кога да ја предадат целата количина на тутунот. Во ситуации кога тутунот им се враќа поради влажност да им се каже кога да го предадат откако ќе го исушат. Договорено е и откупните претпријатија на огласна табла да напишат за колку дена ќе се пролонгира динамиката на откупување на тутунот со цел да не чекаат тутунарите на откупните пунктови. Доколку проценителот и тутунопроизводителот не се согласуваат во однос на проценката ќе решава второстепена комисија која во рок од 24 часа ќе донесе одлука и таа ќе биде конечна.

Во однос на вишокот на тутун исто така било разговарано на денешната средба за што е договорено до крајот на јануари тутунопроизводителите кога ќе го предаваат тутунот којшто е договорен да го пријават и вишокот на тутун.

- До крајот на јануари очекуваме да имаме сознанија за вишокот на тутун и заинтересираност од откупните претпријатија да го откупат и овој тутун, рече Цветков.

Данчо Милески, претседател на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители изрази надеж дека на денешниот состанок ќе се надмине проблемот со откупот на четвртата класа на тутунот каде што вели дека има враќање и на тутунот којшто е оценет под 60 отсто во однос на квалитетот. Во однос на просечната цена на тутунот очекува таа да се промени до крајот на откупот со оглед дека според досегашните сознанија има тутун кој е откупен по 80 денари за килограм, но и по цена од 190 денари.