Окрупнување на земјиштето за подобро земјоделство

Date of publication: 
18 December 2014
PC180443.JPG

Фрагментацијата на земјиштето и големиот број просторно раздвоени парцели се уште е една од клучните слабости на македонското земјоделство. Го лимитира обемот на производството, ги зголемува трошоците и оневозможува примена на современи агротехнички мерки. Тоа, пак, се одразува врз генералната продуктивност, економичноста, приходите и конкурентноста, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на денешната работилница за консолидација на земјиштето.

Според Цветков, промената на постојната состојба е комплициран и долготраен процес за чие надминување или ублажување, покрај функционирањето на пазарот, соодветна улога треба да одиграат и структурните политики на државата.

- Целосното искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор и во голема мерка развојот на руралните средини, зависи пред се од промената и подобрувањето на неповолната структура - малите и фрагментирани земјишни парцели, нагласи Цветков.

Малите површини, додаде, се резултат на голем број фактори од еден подолг временски период и особено произлегуваат од сопственичките права на земјоделското земјиште.

Според податоците од 2012 година, просечната површина на земјоделско земјиште по стопанство е зголемена на 1,85 хектари.

Како што подвлече министерот, политиката на консолидација е една од меѓународно признатите и ефикасни начини за надминување на ваквата неповолна состојба.

- Владата во изминатиот период ја докажа подготвеноста за почнување на политиката на консолидација на земјоделското земјиште преку донесувањето на Националната стратегија 2012-2020 со Оперативен план, Закон и формирање посебен сектор, рече Цветков.

Првите чекори во насока на подобрување окрупнување на земјиштето ќе бидат спроведени следните две години во два избрани региона од Македонија, со техничка поддршка на ФАО.