Интервју за МИА на Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Cvetkov1.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во интервју за МИА зборува за актуелните состојби во земјоделството - електронското евидентирање, регионализацијата на површините, водостопанството, тутунот, лозарството, задругите,..., се осврнува на проектот „Џумајлија“, освојувањето нови пазари, развојот на руралните средини, окрупнувањето на земјиштето, ги изнесува и очекувањата за 2015 година.

 

Како ја оценувате актуелната состојба во аграрот? Може ли да направите споредба меѓу периодот „некогаш и сега“?


Напредокот во аграрот е огромен. Тоа е особено битно ако се земе предвид дека основен елемент за живот е храната, а таа доаѓа токму од земјоделството.

Македонското земјоделство е поконкурентно од она што беше порано, особено доколку се споредат квалитетот и квантитетот на производите. Но, тоа не треба да не залажува. Мора да сфатиме дека конкуренцијата е тековна работа. Никогаш не можеме да кажеме дека сме го достигнале врвот, постојано треба да се работи во овој сегмент. Затоа Министерството вложува максимални напори, сакаме да ги искористиме сите можности што ни ги дава науката, да примениме нови сорти кои се бараат на пазарот, современа технологија, механизација.

Во однос на сортите, треба да ги користиме и нашите, автохтони, но тие не се доволно отпорни, особено не на транспорт. Можеме да ги користиме тука, на нашиот пазар, но за подалечните пазари ни требаат нови, со одредени специфики, издржливи на транспорт и до еден месец.

Работиме многу на конкурентноста зашто ако ја немаме, производите не можеме да ги продаваме. Во оваа насока, активни сме во повеќе сегменти. Најпрво, за добар земјоделски производ неопходна е добра почва. Работиме на консолидација на земјиштето, окрупнување, бидејќи во Македонија површините се расцепкани, а на мали површини не може да се добие квалитетен производ во доволно количина што значи и неконкурентност.

Преку ИПА програмата е планирано да се вложат околу четири милиони евра во консолидација на земјиштето. Согласно законот донесен пред две години, земјиштето под два хектара не може да се дели. Тоа не беше случај порано, кога таткото ја делел парцелата на сите деца па сега, практично, не знаме кој на што е сопственик. И да сака некој да ја обработува површината, нема соодветни документи за сопственост. Поради тоа, пак, не може да користи ни средства од европските фондови.

 

 

 

Колкави се растот и учеството на земјоделството во бруто домашнот производ?


Субвенциите кои достигнаа 130 милиони евра дадоа ефект. Последните години бележиме континуиран раст. Во 2013 година првпат го поминавме прагот од половина милијарда евра.

Земјоделството во БДП учествува со 13 проценти што укажува дека овој сектор е сериозен чинител во вкупното македонско производство. Во аграрот се вработени приближно 17 отсто од населението.

И младите ќе сакаат да се занимаваат со земјоделство, секторот ќе стане атрактивен доколку е современ, модернизиран, опремен со најнова механизација. Идејата е луѓето со завршен земјоделски факултет да не бараат работа во администрација, туку на струката за која учеле и да го применат она што го знаат.

Само годинава преку Платежната агенција се вложени околу три милиони евра за механизација. Со програмата 50:50 според која производителите обезбедуваат половина сума или уште дополнителни три милиони евра, во Македонија ќе влезат нови земјоделски машини.

Мора да ги подобриме и условите за живеење во руралните средини, да бидат исти како во град за да ги задржиме младите.

Останува да се работи уште многу за производството да биде што поголемо.

Не земјоделство со магаре, коњ и копач, туку современо - тоа е нашата визија.

 

Каде и кои македонски производи најмногу се бараат?


Виното, тутунот, грозјето, праските, пиепрот и доматот се уште се најбарани но на традиционалните пазари, главно во регионот, во соседството, најмногу во Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора, Косово,... Надвор, најдобри резултати имаме во Германија. Може секако да се спомне и Русија иако е оргомен и релативно нов пазар за нас. За да ја постигнеме бараната количина, работиме на здружувањето, на формирањето земјоделски задруги.

За македонските производи, особено виното и тутунот, се заинтересирани и на кинескиот пазар. Во овој правец, финансираме промоција и учество на саеми како оние во Шангај и Хонг Конг. Организираме и самески манифестации во Русија, Германија,... Се додека не го промовираме производите, тешко ќе оди побарувачата особено зашто конкуренцијата е огромна.

 

Какви се плановите за проектот „Џумајлија“ кој предизвика големо внимание во јавноста особено по раскинувањето на договорот со „Сахар груп“?


Одговорно тврдам дека договорот за „Џумајлија“ е во полза на Македонија, државата воопшто не е оштетена, не претпри никаква загуба. Наплативме три милиони евра од гаранцијата. Навистина е штета што договореното не се реализира, бидејќи, онака планирано, ќе беше крупен чекор за нашето земјоделство.

 

 

 

Направивме и анализи особено по изјавите на некои експерти за она што ќе сме добиеле ако во меѓувреме на површините се засадеше пченица. Заклучивме дека би добиле 2,4 милинои евра ако петте илајди хектари се зесееја со пченица и ако приносот беше околу просечниот, 3.000 килограми, не сметајќи ги трошоците за орање, сеење, жнеење. Македонија доби повеќе, три милиони, без ништо. Сепак, ова не треба да не залажува дека е некаква добивка.

По расчистување на сите ставки од договорот, ќе се направи план за издавање на земјиштето. По која динамика, за кои култури. Согласно Законот за земјделство, ќе се оди на електронска аукција и логично, ќе добие најдобриот понудувач.

 

До каде се реформите во водостопанството?


Еден од основните столбови во земјоделството е водата. Проблем е кога има премногу, како годинава, но и ако нема доволно. Свесни сме за прогнозите дека поради климатските промени не очекува соочување со недостиг на вода. Во овој правец, Владата презема сериозни чекори меѓу кои е и Програмата за ревитализација и изградба на нови системи за наводнување 2015 - 2025 што ќе биде наскоро усвоена, а која предвидува за десет години да се вложат 200 милиони евра или по 20 милиони годишно. Водостопанство на Македонија, пак, ќе биде зајакнато со стручен кадар кој ќе може да ги изменаџира овие средства.

Но, не се само овие пари што ќе се вложат во системите за наводнување. Во реализација е втората фаза од проектот Јужновардарска долина проектиран на 15 милиони евра. Идната година почнува и проектот за системи за наводнување на 4.000 хектари во валандовскиот регион. Изготвени се физибилити студии за ХС „Злетовица“, веќе се одобрени и идната година очекуваме потпишување договор за заем вреден 55 милиони евра. Средствата ќе бидат вложени во овој систем за наводнување 3.000 хекатри во Пробиштип и 1.000 во Кратово.

На располагање се и средства од ИПАРД, вкупно 60 милиони евра од кои, веројатно, поголем дел земјоделците ќе искористат токму за системи за наводнување.

На овој план многу се работи. Целта е максимално да се искористат расположлвите води.

 

Најавивте и нови откупно-дистрибутивни центри. Досега колку има или се во функција?


Откупно-дистрибутивните центри се исто така основа за конкурентно земјоделство. Без нив, земјоделците би настапувале индивидуално или преку прекупци кои го преземаат родот неорганизирано, во мали количини.

Веќе има најава за отворање 13 нови центри за кои локациите се откупени, а во фунцкија е хрватски „Агрокор“. Привршуваат подготовките и за отворање на откупниот центар во Ресен, главно за јаболка.

 

Од март идната година стартува електронската евиденција на тутунот...


Не само кај тутунот, електронска евиденција ќе има во целокупното земјоделско производство.

Електронската евиденција е основа, а сега веќе и не е скапа. Овозможува во секој момент да знаеме колку површини се засадени и со кој тип тутун. И откупувачите ќе бидат должни да имаат ваков софтвер за да знаеме колкаво количество е точно откупено и по која цена.

Годинава имавме проблеми со дивозасадени површини. Електронската евиденција ќе оневозможи вакви појави.

Електронското следење ќе се воведе и во шумарствто и во фитофармацијата. Точно ќе се знае колку пати некоја површина е обработувана, дали и колку е прскана, со што, колкави се трошоците за прозводство, приносите,... Без ваков систем ќе бидеме во темнина, нема да може максимално ефикасно да ги спроведуваме мерките. Подобро ќе биде и во однос на субвенциите, ќе даваме таму каде што има позитивни резултати, а ќе намалиме/укинеме каде што резултатите се негативни.

 

 

 

Сакаме да направиме и регионализација на површините. Студијата веќе се работи, во февруари/март 2015 ќе биде готова. Со овој проект, точно ќе знаеме кој производ во кој регион најдобро успева што ќе биде вид сугестија за земјоделците за натамошно одгледување, планирање на производството. Од тоа ќе имаат корист и тие и државата.

 

Задолжително ќе биде и користењето сертифициран семенски материјал...


Ако не се користи сертифицирано семе, не можеме да добиеме конкурентни производи. Затоа ќе субвенционираме само земјоделци кои користат вакво семе. Тоа е предвидено во стратегијата за земјоделство 2014 - 2020 година и ќе го примениме, но постепено, чекор по чекор, не веднаш.

Ако сега за хектар пченица поддршката е 9.000 денари плус 3.000 за користење сертифицирано семе, во 2015 година субвенциите ќе изнсуваат 8.000 со 4.000, во 2016-та 7.000 со 5.000, а во 2017-та 6.000 со 6.000 и од 2018 година се планира да се субвенционира само сертифицирано семе.

 

Каква е состојбата со грозјето со оглед дека годинава беше неповолна за лозарството?


Родот е речиси преполовен, а намален е и квалитетот. Нашите лозари првпат се соочија со ваков проблем, толку врнежи со кои доаѓаат и болестите. Се надевам дека годинашното исксутво ќе им помогне да се справат со вакви услови ако еветуално се повторат.

Во однос на прскањето, не само на грозјето, туку и на сите останати култури, граѓаните треба да бидат сигурни дека контролите се максимални. Исклучиво користиме пестициди одобрени од ЕУ.

 

Министре, кои се вашите очекувања за земјоделството во идната, 2015 година?


Би сакал, проектираните финансиски средства најдобро да се искористат, да им помогнеме на земјоделците.

 

 

 

Пари има, на нас, како Министертство, останува да ги насочиме, а на земјоделците да ги искористат. Ако тоа се случи, земјоделството ќе оди со многу брзи чекори напред.