Дата на објава:
21 Јули 2014Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, оствари прва официјална средба со амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, н.е. Wen Zhenshun, на која беше истакната желбата и намерата од двете страни, за интензивна соработка во иднина, која ќе овозможи реализација на идеите и предложените проекти во секторот земјоделство.
На средбата беше изразено обострано задоволство од меѓусебните односи на двете земји кои бележат постојан напредок, бидејќи се втемелени на силни врски и пријателство меѓу двата народи. Народна Република Кина е голем поддржувач на нашата земја во сите важни процеси од осамостојувањето на Република Македонија, преку нејзиното зачленување во меѓународните организации и нејзиното позиционирање на меѓународен план, истакна министерот Цветков. Соработката во областа на земјоделството се унапредува во континуитет, за што говори се поголемиот интерес на кинеските компании за инвестирање во Република Македонија. Како што истакна амбасадорот Wen Zhenshun, македонските земјоделско – прехранбени производи, особено овошјето и градинарските прозводи се карактеризираат со висок квалитетот, но и македонското вино за кое постои голем пазар во Народна Република Кина.
Во Кина како и во Македонија, земјоделството е еден од најзначајните економски сектори, во кој е ангажиран голем дел од населението, од тие причини унапредување на економските и трговски релации меѓу двете земји се приоритет што ќе се третира со големо внимание во иднина.
Иако Република Македонија е мала земја и во таа смисла е помалку конкурентна во однос на количините на земјоделско производсто кои може да ги обезбеди, сепак, таа има ист третман како и големите земји бидејќи квалитетот на производите што го нуди е веќе препознаен од страна на кинеските потрошувачи, потенцира амбасадорот Wen Zhenshun
На средбата стана збор за интензивирање на трговската соработка за неколку конкретни производи: вино, тутун и замрзнато месо од Република Македонија, како и можноста за инвестирање во сточарското производство од страна на заинтересирани кинески компании. Обезбедување земја за одгледување добиток и изградба на капацитет за производство на месо за потребите на кинескиот пазар, како идеја е покрената во неколку наврати на претходни средби остварени од претседателот и премиерот на Република Македонија во Народна Република Кина, за што од страна на кинеските власти е дадена задача на кинеското министерство за земјоделство да ја разгледа можноста и изводливоста на ваков вид инвестиција, заедно со сите предуслови потребни за нејзино реализирање. Во последно време е зголемен интересот од кинеската страна за увоз на јагнешко месо од Република Макеоднија, кое по вкус и квалитет е далеку подобро во споредба со други земји, за таа цел идните активности ќе бидат фокусирани во насока на зголемување на извозот на овој производ.
Со оглед на фактот, дека за Република Македонија споменатите производи се стратешки извозно оринетирани, министерот Цветков го увери својот соговорник дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и тој лично во соработка со останатите министри во Владата на Република Македонија задолжени за привлекување на странски инвестиции, ќе сторат се во рамки на своите надлежнности за олеснување на условите за реализирање на договореното.
На крајот од состанокот министерот Михаил Цветков и амбасадорот Wen Zhenshun констатираа дека оваа средба е прва во низата средби што би се реализирале во иднина, бидејќи постои голем интерес во девете земји за унапредување на билатералната соработка во областа на земјоделството.