Владата со десетгодишен план и инвестиции во системот за наводнување

Дата на објава: 
4 Јуни 2014
 расправа.jpg

Над 200 милиони евра за десет години ќе инвестира Владата во рехабилитација, реконструкција и изградба на системи за наводнување. За една деценија според планот предвидено со вода за наводнување да бидат опфатени околу 85.000 хектари земјоделски површини, а исто толку и за одводнување. Реализацијата на проектот ќе започне од почетокот на следната година. Документот за реализација на овој проект е изготвен и во наредните неколку месеци ќе биде отворена јавна дебата пред земјоделците, експертите, земјоделските компании и сите инволвирани страни. Овој проект е стратешки документ за понатамошен развој на системите за наводнување во државата и за развој на целокупното земјоделството.

Премиерот Никола Груевски пред на прватa официјална презентација на Стратегијата   пред претставници од земјоделските здруженија, и асоцијации, градоначалници, експерти и претставници од земјоделскиот сектор заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски ги претставија идните планови за реализација на овој досега најопсежен инфраструктурен проект.

-Владата пред една година донесе заклучок  со кој го задолжи министерството за земјоделство  да изготви план за изградба, реконструкција и рехабилитација на системите за наводнување во државата. За таа цел во Владата беше формиран Комитет  составен од професори, експерти  и земјоделци. Тие изготвија документ со кој пред еден месец ја информираа Владата за предлог текстот на оваа стратегија, информираше премиерот Груевски,

Тој истакна дека системите за наводнување се еден од најголемите проблеми во земјоделството кои во последните неколку години има многу мал напредок, додека земјоделството полека но сигурно напреднуваше.

-Стратегијата е план за инвестиции во системи за наводнување во наредните 10 години. Но иако овој документ е изготвен, пред да биде донесен од Владата ќе отвориме јавна расправа за предлозите кои што ги содржи со сите инволвирани страни на локално ниво. Целта е да ги слушнеме сите забелешки и да ги вклопиме во Стратегијата која ќе биде најзначајна досега за целосна реформа во овој дел, објасни премиерот.

Тој потенцираше дека документот треба да биде донесен најдоцна до септември оваа година, а ќе почне да се реализира од 2015 до 2025 година.

-Се работи за организиран, системски приод во овој дел, а предвидено е да бидат инвестирани околу 18 милиони евра во првите години од реализицијата на стратегијата, додека во последните години инвестициите ќе достигнат и над 20 милиони евра годишно. Предвидено е да се реконструираат постоечките системи за наводнување, со нивно проширување, аколо и изградба на нови хидросистеми кои што ќе обезбедат квалитетно и навремено наводнување на земјоделските површини во државата, истакна премиерот.

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски истакна дека Владата ќе инвестира над 200 милиони евра од 2015 до 2025 година, а според Акциониот план се очекува да се обезбеди технички капацитет на објектите од примарната мрежа за наводнување на минимум 80 до 85.000ха.

-Инвестирањето во земјоделското производство во Македонија е една од стратешките определби на работа на Владата за идниот период. Тоа пред се значи обезбедување на подобри услови за работа на производителите, обезбедување на сигурност во обезбедување на сите компоненти кои го сочинуваат земјоделското производство како и директна помош преку субвенционирање на производството, делови од опрема, општо подобрување на амбиентот во руралните средини и сл. Инвестирањето во водостопанската инфраструктура значи најдиректна инвестиција и во земјодејството. Наводнувањето е една од клучните компоненти за земјоделското производство во Македонија бидејќи климатските карактеристики и општата хидрометеоролошка состојба се такви да без наводнување поголемиот број земјоделски култури не би можеле ниту да се произведуваат, а оние другите би биле со многу мали и несигурни приноси, истакна министерот Димовски.

Според него главната цел на сите активности што се предвидуваат во програмата е постигнување на т.н 3К +К, односно зголемување на земјоделското производство по количини,  подобрен квалитет на производите, континуитет на производството, како и обезбедување на услови за ублажување на влијанијата од климатските промени, објасни министерот.

Земјоделските здруженија се задоволни од десетгодишната стратегија и се надеваат дека со најавените инвестиции ќе го задржат производството.

- Веруваме дека со овој план навреме сите предвидени земјоделски површини ќе бидат снабдени со вода и таа ќе се користи домаќински. Што е најважно ќе го здржиме производството затоа што со климатските промени може да се случи голем дел од земјоделските површини да останат без приноси, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијација на земјоделците.

Претседателот на Сојзуот на земјоделци Вељо Тантаров се надева дека со новиот документ ќе се надминат проблемите кои биле присутни во делот на наводнувањето.