Средба на министерот Димовски со претставници од турското министерство за шумарство и водостопанство

Дата на објава: 
7 Април 2014
P4070021.jpg.JPG

Денес во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство министерот Љупчо Димовски оддржа средба со тим од експерти–инженери, предводен од Јавуз Карадаг, претставници на Министерството за шумарство и водостопанство на Републиа Турција.
Оваа средба е резултат на минатогодишната посета на министерот Димовски на Анкара и средбата со министерот Вејсел Ероглу, на која  е договорено експертски тим од турското министерство за шумарство и водостопанство да и понуди стручна помош на Република Македонија во областа на наводнувањето со проектирање на мини хидроакумулации.
Министерот Димовски напомена дека изградбата на овие мали хидроакумулации претставува голема помош за зиндивидуалните земјоделски производители во производството на земјоделски култури.
Турските експерти ветија помош со своето знаење и искуство во проектирањето на предвидените мали хидроакумулации.
Во текот на оваа недела предвидени се теренски посети на системите за наводнување.
Министерот Димовски на средбата истакна дека во изминатиот период, а и периодот што следи, македонската Влада и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во целост се посветуваат на наводнувањето, односно веќе е започната темелна реконструкција на системот за наводнување и изградба на големи хидро објекти.
Се работи според утврден план на активности за следните 10 години, а во тек се подготовките за реорганизација на водостопанстопанскиот систем за негово подобро и засилено работење и ефикасност, како и негово функционално враќање на предвидените 96.000 ха земјоделска површина.
На состанокот министерот Димовски и експертскиот тим од Турција разговараа приоритет да се даде за Костурино, заради специфичната локација на местото и потребата на индивидуалните земјоделски производители за одгледувањето на тутунот како една од стратешките култури во Македонија. Предлог локација за мала хидроакумулација веќе постои.
По проектирањето на овие мали хидроакумулации, турските експерти, во следната фаза предвидуваат и воспоставување на системот за наводнување капка по капка.
Министерот Димовски истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство целосно стои на располагање за било каква соработка и помош која ќе им биде потребна на турските експерти во текот на работењето.
Задоволството од средбата беше обострано заради продлабочувањето на плодната соработка помеѓу Македонија и Турција од областа на земјоделството.