Date of publication:
9 February 2014Владата под концесија ќе ги даде рибите од водите на Преспанското, Тиквешкото и дел од Охридското Езеро како и водите на шест акумулации и повеќе сливови на реки. Постапката е почната. Повикот е објавен пред десетина дена и се однесува на три концесии за стопански риболов и 25 за рекреативен риболов. Концесиите се даваат на рок од шест години, а ќе бидат за првпат распределени по електронски пат.
Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев на денешната заедничка прес-конференција со минситерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски рече дека ова придонесува кон економски развој и отворање нови работни места.
Еден од критериумите за избор на концесионер за рекреативен риболов, како што рече министерот Димовски, е вкупниот број членови на риболовните друштва, како и водењето грижа за одржување на рибниот фонд на одредено ниво.
Министерот Димовски информираше дека во текот на 2011 и 2012 година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во име на Владата реализирала две постапки при што се доделени три концесии за стопански риболов и 50 концесии за рекреативен риболов.
Ѓорѓиев посочи дека концесиите за стопански риболов се однесуваат за Преспанското Езеро, Тиквешкото и Охридското Езеро на потегот од ХЕЦ „Глобочица“ до местото Далјан во Струга.
Минималниот надомест за концесијата на Преспанското Езеро изнесува 8,952 милиони денари, за Тиквешкото 1,175 милиони денари и за Охридското 600 илјади денари.
Крајниот рок за доставување понуди е 17 март 2014 година, а треба да ја достават до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На електронската аукцијам, појасни Ѓорѓиев, ќе одат сите оние кои ќе достават понуда, а минимална цена ќе биде најниската понудена. Понудите ќе се отворат на 17 март 2014 година. Може да се јават субјекти кои се регистрирани во областа рибарство, а кои според условите треба да достават завршна сметка за состојбата на работењето, да имаат или остварено договор со стручна научнаобразовна установа од областа на рибарството или во рамките на својот субјект да имаат вработен кадар со образование од областа на рибарството, како и тоа дека ќе ги исполнат обврските во однос на поседување опрема, рибочувари, одржување на рибниот фонд и слично.
- Ги повикуваме сите заинтересирани да ја искористат оваа можност, да ги искористат условите што се понудени, да конкурираат, да се стекнат со можноста да стопанисуваат со овие риболовни подрачја и на тој начин да овозможат бенефит за нивните стопански субјекти и дадат придонес кон локалниот економски развој и се разбира отворење нови работни места, истакна Ѓорѓиев.
Концесиите за рекреативниот риболов, информира Димовски, се однесуваат на Преспанското Езеро, акумулациите Водоча, Глажња, Липково, Тиквешко Езеро, Црничани, Глобочица, Матка, Треска, како и на сливот на реките Вардар горно, средно и долно течение, слив на река Треска, слив на Пчиња, Црна Река, Брегалница, Струмица, Црн Дрим и сливот на Преспанското Езеро.
Концесијата, исто така, се дава на шест години, а крајниот рок за доставување понуда е 17 март 2014 година.
Концесискиот надомест за рекреативниот риболов е 10 проценти од наплатениот надоместок за вкупно издадените дозволи на годишно ниво. Годишната дозвола што ја издаваат риболовните друштва просечно чини околу 500 денари. Во земјата се регистрирани околу 80 риболовни друштва.