Дата на објава:
7 Февруари 2014Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска оддржа работен состанок со амбасадорот на Република Турција во Македонија НЕ Ѓурол Сокменсуер .
На состанокот се разговараше за тековните активности и проекти кои се реализираат помеѓу министерствата за земјоделство и храна, и шумарство и водостопанство на Република Турција и Министерството за земјоделство на Република Македонија, кои произлегоа од минатогодишната средба помеѓу министерот Димовски и министрите Мехди Екер и Вејсел Ероглу.
Сите договорени активности и проекти успешно се реализираат, а една од нив е напредокот во делот на водоснабдувањето и системите за наводнување. Искуството на турските експерти во делот на водоснабдувањето и препораките и насоките кои ги добивме од нив ги ставивме во нашата програма за реорганизација на водостопанските претпријатија истакна министерот Димовски.
Втората област каде имаме одлична соработка е шумарството, каде во изминатиов период беа разменети искуства со турските експерти преку посети на вработените од Министерството во Република Турција, како и посети на турските експерти во Македонија. Оваа соработка уште повеќе ќе се интензивира во секторот шумарство што се однесува на заштитата од пожари за што веќе се дефинирани конкретни активности на соработка.
Министерот Димовски исто така ја истакна својата благодарност до Турската агенција за соработка и координација-Тика за текот на реализација на заедничкиот проект за развој на производството и квалитетот на оризот со кој преку размена на искуства од турски експерти и друга техничка поддршка, се работи на подобрување на оризопроизводството во Република Македонија преку воведување нови сорти квалитетен ориз што ќе се зголеми приходот на производителите и ќе се подобри пласманот на регионалните и меѓународните пазари.
На крајот од средбата Амбасадорот на Турција, г.Сокменсуер го искажа своето задоволство од досегашните проекти и се надева дека успешно ќе продолжат и во иднина да се раализираат. Министерот Димовски упати покана до турските компании кои вршат откуп на јаболко, со кои во минатите години имавме одлична соработка, да дојдат во Македонија и да го откупат преостанатото Преспанско јаболко од минатогодишната реколта.