Воведување на електронска аукција при доделување на ловиштата

Date of publication: 
6 February 2014
slika press.JPG

Вкупно 39 ловишта во 11 региони ќе бидат дадени под концесија. Јавниот повик веќе е во тек, а годинава првпат при доделувањето на ловиштата ќе биде воведена електронска аукција со која ќе се избегне човечкиот фактор.

Од вкупниот број ловишта, 26 се за ситен дивеч и тие ќе бидат дадени под концесија на 10 години, а 13 ловишта се за крупен дивеч и за нив концесијата ќе биде 20 години.

Од Владата денеска апелираа сите заинтересирани ловечки друштва да се пријават на јавниот повик кој трае до 18 март за кога е закажано отворањето на понудите.

- Покрај домашните здруженија на ловци, може да конкурираат и надворешни компании кои што се заинтересирани да го вложат својот капитал во развивањето на ловниот сектор во Република Македонија, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на прес-конференцијата во Владата.

Тој информира дека постапката за доделување концесија ќе се одвива во две фази и тоа во првата фаза јавно ќе бидат отворени пристигнатите понуди, додека во втората фаза првпат ќе се спроведе електронска аукција.

- Минималниот концесиски надоместок е десетгодишниот износ на конcесијата даден во планските документи за секое ловиште посебно, појасни министерот Димовски.

Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, со електронската аукција се воведува поголема транспарентност во постапката.

- Со воведувањето на овој принцип се отстрануваат сите можности за определено субјективно однесување од страна на кој било субјект кој учествува во постапката, а се создаваат транспарентни, отворени услови за реализацијата на овој процес. Ловиците, ловечките друштва и стопанските субјекти кои имаат интенција да аплицираат на овој оглас треба да бидат потполно уверени дека единствено нешто што ќе се вреднува ќе бидат нивните понуди, нагласи Ѓорѓиев.

Во Македонија има 264 ловишта од кои досега 204 се дадени под концесија. За 39 постапката е во тек, а за останатите 24 концесијата истекува во 2015 година.