Реализација на проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој

Дата на објава: 
27 Јануари 2014
 Николе.jpg

Општина Свети Николе денеска почна со реализација на три проекта од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој кои предвидуваат доизградба на канализациона мрежа во с.Горобинци, изградба на локален пат од с.Кнежје до археолошки локалитет Билазора и локален пат од с.Немањици до вештачко езеро Мавровица, како и  изградба и уредување на јавни зелени површини за одмор и рекреација во селата Кадрифаково, Мустафино, Ерџелија, Амзибегово, Пеширово и Немањици.
За доизградба на канализациона мрежа во с.Горобинци се обезбедени 5,7 милиони денари, за локалните патишта обезбедени се 11,5 милиони денари, а за изградба и уредување на јавни зелени површини за одмор и рекреација обезбедени се 7,3 милиони денари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека во изминатите пет години преку оваа програма реализирани се 19,5 милиони евра и асфалтирани се околу 200 километри локални патишта и околу 180 улици.
- Оваа инвестиција во вредност од 5,7 милиони денари значително ќе го подобри животот на населението од с. Горобинци е одговор на барањата на локалното население. Водени од потребата за унапредување на квалитетот на живот во руралните средини, Владата на Република Македонија во својата работна програма дава посебен приоритет на политиката за рурален развој пред се на инвестиции во руралната инфраструктура. Вкупната вредност на сите три проекти кои оваа општина ги доби од Програмата за рурален развој е околу 24 милиони денари.
Целта за изградба на овие проекти е, подвлече градоначалникот Зоран Тасев, брз и одржлив локален економски развој, поодбрување на условите за живеење и стандардот на граѓаните.
- Овие проекти значат многу за општината Свети Николе и се пример на одличната соработка со Министерството за земјоделство, рече Тасев.