Отворен ден на органска храна во Министерството за земјоделство

Date of publication: 
25 January 2014
organsko.jpg

Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска се одржа Отворен ден на органска храна, со кој започна и кампања за важноста на овој вид храна за луѓето, но и како сектор во земјоделството.

- Досега површината што се обработуваше со земјоделски култури како органско производство беше околу 1.370 хектари. Веднаш по воведување на мерките за поддршка на овој вид на производство, површините  во Македонија се проширија на 5.300 хектари. Тоа е многу добра потврда дека навистина сите политики коишто ги спроведуваме во земјоделството особено во секторот на органското производство вродија со плод. Истовремено ова е значаен скетор заради тоа што над 90 проценти од вкупното производство на органски производи е наменето за извоз, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Додаде оти целта е на ваков начин органското производство да се доближи до македонските потрошувачи.

- Истовремено за тоа веќе и Министерството односно Владата креира нова политика слична како онаа за продавниците  наменети за продажба на македонско вино, да отвориме уште пет продавници за продажба на македонски органски производи. Сметаме дека  на тој начин ќе помогнеме и на секторот, на самите производители, преработувачи и на тој начин уште повеќе сите овие органски производи ќе ги направиме подостапни за потрошувачите, истакна Димовски.

Тој информира оти во наредниот период во соработка со останатите министерства, МЗШВ ќе спроведе кампања за доближување на овие органски производи и на пошироката популација односно на вработените во државната администрација.

- Сметаме дека со тоа дополнително ќе дадеме поддршка на земјоделците кои што и онака добиваат 30 проценти повисока поддршка преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството во однос на конвенционалното производство. Македонија има многу добри предуслови за зголемување на производството односно на проширување на земјоделските површини наменети за органско производство. Ние тоа мораме да го искористиме, рече министерот Димовски.

Тој додаде дека има голем интерес кај надворешни компании да ги набавуваат македонските земјоделски производи од Македонија.

- Истовремено многу ни е драго поради тоа што и преработувачкиот сектор во соработка со производителите веќе покажува дека преку многу добра амбалажа на производите, многу добар маркетиншки настап може да се развива производството, а во истовреме да се проширува и производната линија, но истовреме и да се нуди поголем асортиман на производи во малопродажбата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сметам, додаде, дека во следниот период уште повеќе ќе се доближиме до самите потрошувачи и на тој начин во уште поголема мера ќе ја направиме онаа потребна конекција помеѓу производителите и преработувачите од една страна и потрошувачите од друга страна за што во исто време очекуваме и соработка од големите ланци на супермаркети низ цела Македонија.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и министерот за надворешни работи, Никола Поповски, присуствуваше на Отворениот ден на органска храна, истакна дека на ваков начин сакаат да дадат поддршка на иницијативата на МЗШВ за интензивирање на употребата и користењето на органската храна.

- Станува збор за еден процес кој сакаме да го започнеме уште од најмала возраст, особено кај децата. Како Министерество активно ќе се вклучиме во промоцијата на органската храна не само во училиштата, туку и кај самите родители. Родителите ќе бидат во тој дел ќе бидат максимално и целосно информирани за бенефитите што се овозможуваат со користењето на органска  храна. Во оваа прилика би сакал да ве информирам дека како Министерство мултиресорски заедно со неколку други министерства пред се со Министерството за здравство веќе почнавме со изработка на посебни стандарди и протоколи околу начинот и правилната исхрана во училиштата кои очекувам во наредниот период да бидат јавно објавени со што фактички и ќе се обидеме да обезбедиме регулација на типот и стандардот на производи коишто ќе можат да се употребуваат за исхрана во училиштата, рече Ристовски.

Во тој контекст додаде дека  Министерството со кое раководи веќе извесен период ја спроведува кампањата „Здрава храна за детство без мана“.

- Практично овие стандарди и протоколи ќе бидат финализација на една фаза од тој проект, преку вклучување на активностите за користење на органската храна. Во оваа прилика би апелирал до сите семејства, до родителите што е можно повеќе да користат органска храна, бидејќи квалитетот во рамки на растот и развојот на децата значително ќе се подобри доколку се употребуваат вакви производи, рече Ристовски.

Од 2006 година до денес МЗШВ посветено работи на развој на органското производство во РМ. Се креираат мерки за поддршка и развој на овој сектор од земјоделството како во примарното производство, така и во делот на преработката и трговијата со органски производи. Секоја година МЗШВ организира и промотивни настани насловени како „Денови на органското производство“ за доближување на органската храна до граѓаните.

Кампањата која започна денеска покрај основната цел за промоција на органското производство, од реализацијата на Националната кампања се очекува и создавање на тренд кој ќе го олесни пласманот, преку зголемена побарувачка на органските производи од страна на потрошувачите, зголемена прифатливост и спремност за промовирање на органските производи од страна на трговците, како и зголемена достапност на органските производи на домашниот пазар. Со обезбедувањето на пласманот се очекува поголема мотивација на органските фармери да произведуваат ваков вид на производи.