Проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој

Date of publication: 
23 January 2014
slika.jpg

Во пелагониското село Гнеотино денеска е означен почетокот на изградба на нов локален пат до селото Брод. Патот ќе биде во должина од три километри и за неговата изградба и асфалтирање ќе бидат вложени околу 20 милиони денари, средства обезбедени од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека во изминатите пет години преку оваа програма реализирани се 19,5 милиони евра и асфалтирани се околу 200 километри локални патишта и околу 180 улици.

- Овој е првиот проект што го доби општина Новаци, а наскоро ќе добие уште два во вкупна вредност од околу 500 илјади евра со што ќе се овозможи асфалтирање на селски улички во Новаци, Маково и во Бач и асфалтирање на пат до манастирот „Св.Илија“ во селото Живојно, изјави Димовски.

Според него, со изградбата на патот ќе се овозможи полесно поврзување на населените места. -Во Новаци имаме беспрекорна соработка со локалната самоуправа, а воедно чувствувам лична обврска кон земјоделците од овој крај да го исполнам даденото ветување. Со изградбата на новиот патен правец ќе има многу полесно и поедноставно поврзување меѓу населените места, рече Димовски.

Градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски рече дека изградбата на патот е потврда на програмските определби и оти се работи за пат кој е важен за населените места од овој регион.

- Овој пат за нас е од висок приоритет бидејќи ги поврзува селата од нашата со селата од поранешната општина Бач. Изградбата на овој пат значи поврзување со уште десет села од пограничниот регион, скратување на патната поврзаност од поранешните 40 на 13 километри и други поволности. Ќе продолжиме со инвестиции во инфраструктурата и водоводните системи бидејќи имаме континуирана поддршка од Министерството за земјоделство, рече Котевски.