Министерот Димовски на Празијада 2013 во општина Василево

Дата на објава: 
10 Ноември 2013
jpg

Стартуваше сезоната на празот, а производителите од  општина Василево преку манифестација посветена на оваа култура порачаа дека и годинава го имаат најдобриот и најквалитетниот праз. И оваа година празијадата која има за цел афирмација на регионот во кој се одгледува празот доби максимална поддршка од министерството за земјоделство. Ресорниот министер Љупчо Димовски во своето обраќање меѓу другото потенцираше дека посветеноста на аграрниот сектор ќе продолжи и во иднина со цел истиот да се подигне на повисоко организационо и производствено ниво.

-Чувствувајќи ја важноста на руралните средини, односно на македонското село, со најголема сериозност и со издвојување на финансиски средства ја конципиравме Програмата за рурален развој, за сочувување на малите населени места, за задржување и враќање на жителите во нив и за подобрување на услобите за земјоделската дејност, како доминантна во овие средини. Како дел од таа програма, Министерството за земјоделство поттикнува одржување на вакви манифестации бидејќи тие придонесуваат за развојот на руралните средини, за зголемување на земјоделското производство и за популаризација на туризмот – истакна министерот Димовски.

Производителите  се надеваат дека празијадата ќе придонесе за поголема афирмација на регионот, а со тоа и многу повеќе откупувачи за производството.

Годинава на празијадата во Василево присуствуваше и претседателот на државата Ѓорге Иванов. Посетата на регионот тој  ја искористи да ја посети  и идустриската зона Василево, а присуствуваше и на службите во Евангелско методистичката црква во Струмица и Католичката црква во Радово.