Министерот Димовски на доделување на наградите „Најпроактивен земјоделец“

Date of publication: 
15 October 2013
jpg

Министерот Љупчо Димовски во обраќањето по повод отворањето на саемот Агрофуд 2013 и доделувањето на наградите за најпроактивен земјоделец, нагласи дека преку Македонската банка за поддршка на развојот достапни се кредити за инвестиции во примарното земјоделство. Со нивно обезбедување се поттикна развојот на аграрот и преработката на храна, со што всушност се докажува и заложбата на Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, за стимулирање и наградување на земјоделците кои значително придонесуваат  за развојот на македонското земјоделство..

- Поволните услови од кредитните линии имаат директно влијание на натамошното задржување на интересот на земјоделците за вложување во нова механизација, опрема и современи објекти, во модернизирање на прехранбената индустрија, во обезбедување стандарди за квалитет и безбедност, а за откупувачите значат средства за откуп и посигурен пласман, потенцира Димовски.

Бенефит е, додаде, и овозможувањето побрза исплата на земјоделците за откупените производи, стабилизирање на пазарните односи и воспоставување услови за ценовен тренд без осцилации.

Наградите во петте категории, житни култури, раноградинарско производство, долгогодишни овошни насади, сточарство и органско производство, ги доделува Прокредит банка. Настанот се организира втор пат.

- Наградените ќе имаат можност добиениот вредносен ваучер од 150.000 денари да го искористат за купување механизација или каков бил обртен капитал, истакна Емилија Спировска од Прокредит банка, подвлекувајќи дека целта на манифестацијата е да се поттикнат земјоделците на уште поактивно работење и следење на новите трендови.

Прокредит банка за десет години работење исплатила 25.000 агро кредити од вкупно 67 милиони евра.

Земјоделците се задоволни од државната поддршка и субвенциите, сметаат дека се значително подобрени условите за добивање кредити.

Како што изјавија по денешното доделување на наградите најпроактивен земјоделец за 2013 година во рамки на саемската манифестација „Агрофуд“, производството го унапредуваат со користење квалитетен семенски материјал, следење нови техонологии и употреба на современа механизација.

- Многу е важно да имаме поволни кредити со ниски камати, до 6 отсто, и едноставени процедури, зашто парите за сработеното секогаш ги добиваме на крајот од годината, рече Глигорчо Димитриев од село Подлог, Кочанско, најпроактивен земјоделец во категоријата житни култури.

Исто така, производителот Димитриев информира дека есенската сеидба на пченицата е веќе завршена. - Годинашната реколта надмина 7 тони по хектар, количините се откупени и исплатени, реализирани се и субвенциите. Според него, турските сорти ориз засеани во Кочанско како резултат на соработката меѓу министерствата за земјоделство од двете земји, се порани, поотпорни, релативно нови и во поголем број, околу 30, за разлика од нашата која е една и стара 50 години. Неодамнешната слана ја уништи, а турските чиј принос достигна 10 тони по хектар, се без поголеми последици.

Јетон Зекмани од битолското село Доленци, првонаграден за органско производство, рече дека во Македонија за овој тип продукција се уште нема пазар.

- Од органското производство допрва ќе има бенефит зашто секаде во западните земји е двојно поскапо од конвенционалното иако приносите се помали, рече Зекмани.

Награди „Најпроактивен земјоделец“ добија и Киро Грковски од струмичкото село Банско за раноградинарско производство, Милена Делева од село Фурка, Дојранско, за долгогодишни овошни насади, како и Даниел Мацов од прилепското село Слава за сточарство.

Годинашниот „Агрофуд“, 63. по ред, се одружува во рамки на саемот „Технома.