Министерот Димовски во посета на ПЕ Кавадарци и откупен пункт за грозје

Дата на објава: 
20 Септември 2013
 Кавадарци.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски денес во општина Кавадарци, ја посети подрачната единица на министерството за земјоделство и откупен пункт за грозје и на лице место се увери дека годинашниов гроздобер поминува без никакви проблеми.

-Од почетокот на гроздоберската сезона нема ни една пријава за проблеми при откупот на грозјето, ниту од производителите ниту, пак, од преработувачите на грозје. Се почитуваат договорените цени, истакна министерот Димовски.

- Можам да кажам дека смедеревката е многу барана годинава, се почитува договорената основна цена од 11 денари за килограм, а согласно на шеќерните единици цената оди нагоре. Иако можно е да се очекува грозјето од оваа сорта да постигнува и поголеми цени, рече министерот Димовски.

Министерот Димовски исто така рече дека редовно контактираат со производителите и со преработувачите на грозје. Тој потенцираше и дека е регистриран зголемен извоз на вино.

- Во некои од минатите години винарските визби имаа залихи, но сега целото вино е извезено. Уште во првата половина на февруари целата бесцаринска квота за извоз на вино во Европската унија беше исполнета. Зголемениот извоз ја покачи вредноста на виното од Македонија од 18 на 40  евро центи за литар, па дури и повеќе за некои поквалитетни сорти, рече министерот, нагласувајќи дека повисоките цени го валоризираат македонското вино како квалитетно на пазарите.

Според министерот, сите позитивни трендови во лозаро-винарството придонесуваат годинава да има помал извоз на грозје од Македонија. Извезени се околу четири милиони килограми грозје или околу 40 проценти од количините извезени во истиот период лани.

- Со тоа се заштитува домашното призводство на вино, бидејќи ако се извезува македонско грозје од тоа грозје другите ќе направат вино кое ќе му конкурира на македонското. Многу е подобро за македонската винска индустрија и за лозаропроизводителите македонското грозје да заврши во домашните винарски визби. Значи покажавме дека со заедничка стратегија на сите страни се постигнува круна во заедничкото работење, истакна министерот Димовски.

На крајот министерот Димовски истакна дека грозјето од минатите години е целосно исплатено на лозаропроизводителите.

- Благодарение на измените во Законот за вино сите винарски визби ги намирија своите обврски кон лозарите, рече министерот.