Реакција на Министерството за земјоделство на прес-конференцијата на СДСМ

Дата на објава: 
9 Септември 2013

СДСМ повторно се обрати до јавноста со свое видување за земјоделството и аграрните политики на само нему својствен и несериозен начин, со пресек „кога домаќинките почнуваат да спремаат зимница“?!

Само малку подобро упатените знаат дека земјоделската година не може да се пресметува со овој период, уште помалку да се направи осврт за успешноста. Во СДСМ би требало да им е познато дека до крајот на годината следат уште активности за таа да се затвори.

Но, како што СДСМ во последно време започна со практикување, подобро кажано копирање, на партиското дејствување налик на партиите од власта и на Владата, за жал денес повторно ја покажа својата неинвентивност и неукост, правејќи го тоа и во земјоделската политика.

 

Конечно, добро е што СДСМ за прв пат јавно излегува со најавување, но само со најавување, на своја политика во „земјоделието“, како што тие граматички неуко го нарекуваат земјоделството.

Навистина можеме да се согласиме со новиот, за земјоделството „стручен и загрижен“ во СДСМ, дека единствено актуелната Влада го има чувството за вистинските потреби на земјоделците, посветувајќи ја целата енергија во неговиот развој и подобрување на состојбите со конкретни политики во сите сфери. Да го промени она што го наследи токму од „стручните и загрижени“ во СДСМ во македонскиот аграр.

 

Само за потсетување на ефектите од аграрните политики на СДСМ: целосно растурање на сите земјоделско индустриси капацитети, колапс на македонскиот земјоделец, раскрчмување на преостанатото државно земјоделско земјиште од над 95.000 хектари на само 412 лица, уништување на целиот хидромелиоративен систем .....Затоа, не изненадува рекцијата на СДСМ за висината на издвоените финансиски средства за директна поддршка на земјоделците, но и за развој на македонското земјоделство.

Не само 500 милиони евра, туку многу повеќе се потребни да се вложат во земјоделството за да се санираат штетите кои СДСМ ги направи во македонското земјоделство.

 

И повторно СДСМ излегува со замена на тезите или со класично непознавање на термините земјоделски производи и прехранбени производи, сето тоа спакувано преку наводната грижа за трговскиот биланс. И повторно со прикажување на неверодостојни податоци и за износот на реализираниот извоз од 2006 година до 2012 година, но добро е што во оваа прилика СДСМ за прв пат јавно призна дека има зголемување на извозот на земјоделски производи.

Сакаме на нагласиме дека ова признание значи и прифаќање на фактот дека зголемувањето на извозот на земјоделските производи истовремено значи и зголемување на вкупното земјоделско производство.

Патем, да напоменеме дека покачување на цените на храната е глобален процес кој својот максимум го нема достигнато. Но, затоа пак, загрижува свесното извртување на фактите, заборавајќи ја отвореноста на домашниот пазар, нешто за што СДСМ водеше преговори и склучуваше договори кои се обврзувачки за Република Македонија. Изгледа многу време помина за нив надвор од власта па заборавија на штетните договори што ги склучија за трговска либерализација на терет на земјоделско-прехранбениот сектор кои последици сѐ уште не можат да се санираат.

 

Конечно за редицата проекти и програмата која сѐ уште се изработува во СДСМ, односно само за делот кој денес беше соопштен, едно големо разочарување од сето тоа.

Господата од СДСМ само ја имаат апострофирано Националната Програма за развој на земјоделството и руралниот развој и сите останати стратегиски документи на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Владата на Република Македонија.

Само накратко да ги потсетиме господата од СДСМ дека сѐ што имаат наведено како план или програма на нивната партија во земјоделството тоа веќе и се спроведува. Тоа се конкретни мерки кои се реализираат и за кои, на што СДСМ реагира, се вложуваат финансиски средства. Во конкретни програми, со конкретни рокови со конкретни ефекти. И во оваа прилика да повториме фокусирајќи се на она што го ветува СДСМ, а оваа Влада всушност го спроведува:

Зголемување на ефикасноста и конкурентноста на земјоделското производство се остварува преку поддршка на инвестиции во земјоделска механизација и земјоделска опрема преку Програмата за рурален развој, со чија реализација годишно се набавуваат околу 500 трактори, се инсталира мрежа за наводнување капка по капка, се набавуваат околу 800 парчиња дополнителна земјоделска опрема, се инвестира во санација на системите за наводнување и хидро-акумулациите и за што се обврзавме до 2017 да намениме околу 20 милиони евра годишно;

 

За набавка и употреба на квалитетен семенски и саден материјал обезбедени се дополнителни субвенции и 50% поврат на вложени средства за набавка на високорасен добиток;

Во тек се интензивни преговори со инвеститори за 3 нови откупно-дистрибутивни центри. Дополнително за да ги заштитиме земјоделците воведовме ред во откупот преку регистрирање на откупувачите и задолжително располагање со квалитетна опрема за откуп како и задолжително склучување на договори;

Го намаливме ДДВ-то во земјоделството кое всушност беше зголемено од Владата на СДСМ и со што ги оптерети влезните трошоци во земјоделството;

 

Ветуваат поголема реализација на европските средства, а токму во време на Владата на СДСМ, Република Македонија го изгуби правото за користење на средствата од претпристапната помош поради неподготвеност и немање на програма и институции за да се акредитираат согласно европските правила.

За жал, констатацијата од денешниото обраќање не е ништо ново од СДСМ, односно е сосема очекувано. Денешното обраќање на СДСМ повторно претставува продолжување со потценувањето на македонскиот земјоделец, додворување до граѓаните со наводната грижа за средствата кои се издвојуваат за земјоделството, а всушност повторно прикажуваат дека немаат ниту идеи ниту визија за развој на македонското земјоделство.