Средба на министерот Димовски со неговиот бугарски колега Греков

Date of publication: 
28 July 2013
jpg

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во рамки на неформалната меѓувладина мини седница која се оддржа во Ќустендил, оствари билатерална средба со г. Димитар Греков, министер за земјоделство и храна на Република Бугарија.

Ова претставува прва средба на двајцата министри. На средбата се разговараше за соработката меѓу министерствата околку Евроинтегративните процеси и проширување на соработката во другите области од земјоделството.. Министерот Греков, му посака добредојде на својот македонски колега при што истакна дека тие како министри за земјоделство се најблиску до народот и искрено се надева дека наскоро и Република Македонија ќе ги започне преговорите за влез во Европската Унија.

Министерот Греков беше заинтересиран за состојбата со земјоделството во Македонија и истакна дека ако се обезбеди наводнување на земјоделските површини, ако се помогне на земјоделците во обработката на земјата и се чуваат шумите, и народот во нашите земји подобро ќе живее.

Министерот Димовски се заблагодари на убавите зборови и кажа дека нашето министерство во моментов работи на консолидација на земјоделското земјиште, и истакна дека тука бугарското министерство забележува голем напредок и исто така имаат добро изграден систем на фитосанитарни контроли, на што министерот Греков рече дека добро е да ги усогласиме Фито сертификатите со што ќе имаме полесен проток на земјоделски производи од Бугарија во Македонија и обратно. Во овој правец битна е соработката меѓу  бугарската Агенција за безбедност на храна и македонската Агенција за храна и ветеринарство. Греков истакна дека основниот постулат на кој функционира Европската Унија е слободен проток на стоки и луѓе, па усогласувањето на сертификатите ќе ни овозможи да бидеме еден чекор поблиску до влезот во ЕУ. Тој рече дека Балканот има голема генетска разновидност во однос на земјоделски култури и тоа богатство треба да се сочува, сортите да се унапредуваат и развиваат. Исто така министерот Греков даде предлог заеднички да се бориме со карантинските штетници како би се избегнале проблеми со овие штетници, како што беше минатогодишниот проблем со Тута апсолута. Тие се договорија во најбрзо време да се договори средба на техничко ниво за фито санитарна контрола и воспоставување на оранжериско производство.

Друга област на соработка која ја договорија двајцата министри е превенција на шумски пожари, проблем кој го има и Бугарија посебно на лето и договорија да се направи заеднички проект преку Компонента два од ИПА која е наменета за  прекугранична соработка.

Министерот Димовскиј посочи дека е добредојдена секоја соработка на полето  на земјоделството која е во насока на осовременување и приближување на овој сектор кон Европската унија и го покани министерот Греков во најскоро време да дојде во посета на Република Македонија.