Прес-конференција на министерот за земјоделство Љупчо Димовски

Date of publication: 
21 July 2013
jpg

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски денеска одржа прес-конференција за досегашниот тек на откупот на пченица. Министерот Димовски, досегашниот тек на жетвата на пченица го оцени како релативно добар, со мало отстапување од просекот во споредба со минатите години во овој период. Не се забележани, рече, посериозни законски отстапувања во начинот на откуп на пченицата. До сега е извршен откуп на околу 50 илјади тони пченица. Оваа количина претставува 35 до 40 проценти од количината пченица која годишно вообичаено се предава во откупните компании.

Постојано ја оддржуваме комуникацијата со индивидуалните производители на пченица, односно со нивните претставници од сите форми на земјоделско здружување, при што добиваме изворни информации за текот, динамиката и вкупните количини пченица кои во изминатиот период, од започнување на жетвата до денес, се откупени од страна на овластените откупувачи кои се водат во Регистерот на Министерството – рече министерот Димовски.

Според извршените анализи на предадените количини пченица на регионално ниво во источниот дел на Македонија откупот има поголема динамика, и тој е при самиот крај, за разлика од западниот дел, особено Пелагонија, каде што е потребно да се интензивираат активностите за откуп на пченицата.

На ова свое влијание имаат и временските прилики во пелагонискиот регион и заради зголемената влажност во житното зрното извесно каснење со отпочнување со жетвата.

До средината на втората половина од месец август потребно е преостанатите површини да се ожнеат со што би се исполнил планот на самите откупувачи.

Заради тоа е потребно зацврстување на соработката на индивидуалните земјоделски производители кои имаат воспоставено кооперантски односи со откупувачките фирми за интензивирање на откупот на пченица во следниот период.

Министерот Димовски ја искористи приликата на откупувачите да им порача да ја имаат предвид општествената одговорност за откупот на пченица како стратегиски производ. Од страна на инспекторите на Државниот инспекторат за земјоделство во овој период не се забележани посериозни законски отстапувања во начинот на откупот на пченицата – истакна министерот Димовски и предупреди на последиците доколку било кое неовластено, односно нерегистрирано  лице врши незаконски откуп на пченица. Неколку случаи се веќе санкционирани и од страна на Државниот инспекторат се изречени соодветните законски мерки.

Министерот Димовски исто така истакна дека според податоците со кои располага министерството, овогодишниот принос на пченицата по единица површина е повисок од минатата година, предвидувањата се дека тој ќе се движи помеѓу 3,3 до 3,5 тони на хектар на ниво на држава, меѓутоа како резултат на временските прилики и врнежите во одредени региони е забележано намалување на нејзиниот квалитет со помала хектолитарска тежина.

На новинарско прашање околу мерката за условен увоз на пченица министерот Димовски одговори дека мерката за условен увоз на пченица и брашно останува на сила се до стабилизирање на пазарот и редовниот откуп на македонска пченица.

Тој појасни дека реципрочни мерки за македонските домати и вино од страна на Србија, која се најде најпогодена од мерката, и покрај најавите нема да има, пред се поради, како што рече, брзата реакција од македонска страна и цврстите аргументи за нејзиното воведување.

- Мерката не се однесува посебно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Взаемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката, рече министерот Димовски.

Пазарот во Македонија, истакна министерот Димовски, е либерален, но државата е обрзана во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој да го заштити домашното производство. Согасно договорот од ЦЕФТА, како што појасни министерот Димовски, во случај на пореметување на домашниот пазар за одреден производ државите членки имаат можност за заштитна мерка која ќе придонесе за регулирање на пазараните односи, и на понудата и побарувачката се до негово стабилизирање.

Според податоците на министерството за земјоделство, во изминатите 18 месеци во Македонија биле увезени околу 150 илјади тони пченица и над 70 илјади тони брашно. Тоа изразено во пченица би значело дека се увезени над 250 илјади тони од оваа култура, што, како што истакна министерот, е премногу за македонскиот пазар.

Мерката предвидува обврска оној кој ќе увезе еден килограм увезена пченица, да треба да откупи три килограми домашна пченица, односно доколку увезе еден килограм брашно да треба да откупи четири килограми пченица.

На крајот на прес конференцијата Министерот Димовски информираше дека министерството изготви измени на Законот за квалитет на земјоделски производи со кои, меѓудругото, се предвидени заштитни маркици за увоз на брашно со што, како што истакна министерот Димовски, ќе се воспостави потребната контрола. Оној кој ќе сака да увезува брашно ќе треба од надлежните институции да набави такви маркички и да ги достави до производителот во странство, кој пак ќе треба да ги залепи на пакувањето на брашното кое треба да се увезе за македонскиот пазар.