Реакција на Министерството за земјоделство по повод прес конференцијата на пратеничката Ленче Николовска

Само за неколку дена сведоци сме на контрадикторни изјави од страна на опозицијата кои се движат од критики на мерките за стабилизирање на пазарот со пченица со условниот увоз поврзан со откуп на домашна пченица, се до драматично барање за спас токму преку интервентни мерки на државата.

И на последните изливи за наводна загриженост, сакаме само да ги потсетиме „загрижените” дека Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство одамна уште пред започнување на жетвата е во постојан контакт и заедно во договор со примарните производители на пченица, млиновите откупувачи на пченица и пекарскиот сектор ги превземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на жетвата и откупот на лебното жито.

Во таа насока е навременото воведување на мерката за условен увоз на пченица и брашно со откуп на количини домашно производство, како и активното посредување на институциите во меѓусебните преговори за постигнување на откупна цена прифатлива за сите учесници. Мерките за заштита на пазарот ќе бидат во сила се додека истите се во функција на успешно завршување на откупот од годинешната реколта.

Заради следење на почитувањето на законските обврски на откупувачите а во интерес на земјоделците, Министерството за земјоделство врши редовни инспекциски контроли за  исполнетост на условите согласно Законот за земјоделство од страна на откупувачите на пченица. Согласно податоците од терен, поголем дел од откупувачите го имаат започнато откупот на пченица и досега вкупно се откупени околу 20 % од количините кои се очекува да се пласираат на пазарот. Цените воглавно се движат од 12 денари за килограм за минимален квалитет, до 14 и 15 денари за поквалитетните количини пченица.

Како и претходните години на располагање на производителите се државните складишта во Прилеп каде по субвенционирана цена земјоделците може да ги ускладиштат ожнеаните количини на пченица се до продажбата.

Сакаме да истакнеме и дека државата досега во целост ги има исплатено субвенциите за поледелските кутури за изминатата година во износ од 646.202.045 денари, а во тек е поднесување на барањата за поддршката за оваа година. Само за потсетување овој износ од над 10 милиони евра само за поледелските култури е околу два пати поголем од вкупните средстава кои СДСМ ги издвојуваше за сите земјоделски култури заедно. Токму отсуството на политика на поддршка на производството на пченица и целосно слободниот пазар во времето на СДСМ резулатираше во долгогодишен пад на производство и намалување на површините.

Веројатно по навика и нивната прес конференција се одржа пред запустениот капацитет на Жито Мел на Бајруш Сејдиу кој исто како низа коруптивно-криминални случаји, беа креирани токму во нивно време, а правно разрешени во периодот по 2007 година.

Затоа им порачаме на „загрижените“ дека државата како и секогаш во овие последни седум години ги превзема сите неопходни мерки во нејзино располагање за реална поддршка на секторот, а дека нивните обиди за паника од наводни кризни ситуации се контрапродуктивни и на штета за самите земјоделци.