Министерот Димовски ја отвори Регионалната работилница за развој на пазарот на земјиште и земјишна консолидација

Date of publication: 
22 April 2013
jpg

Фрагментацијата на земјоделското земјиште се уште е еден од клучните проблеми на македонскиот аграр. Ситните парцели ги намалуваат продуктивноста и ефикасноста, а ги зголемуваат трошоците што се одразува врз крајните приходи на производителите, како и на конкурентноста. Ова е заклучокот од денешната Регионална работилница за развој на пазарот на земјиште и земјишна консолидација во земјите од ЕУ.

Неопходно е, беше речено, државата да ги поттикне земјоделците, да застане зад целиот проект зашто окрупнувањето е исклучително комплексен процес, вклучува промени во катастар, локации, имотно-правни односи.

- Фрагментацијата на земјиштето и малиот обем на земјоделските стопанства се главните фактори што го спречуваат подобрувањето на конкурентноста на пазарот. Имајќи предвид дека во Македонија, како и во поголемиот дел од Централна и Источна Европа, проблемите што произлегуваат од расцепканоста на земјоделските површини и од малите фарми го отежнуваат развојот на земјоделството и руралните средини, по распределбата на секое парче државно земјоделско земјиште, сега, поголемиот дел од активностите се насочени кон окрупнување на површините, рече министерот Љупчо Димовски кој ја отвори работилницата.

Тој очекува консолидацијата да придонесе за обновување на руралните општини, за поголем економски развој и заштита и подобрување на управувањето со природните ресурси.

- Процесот е ислучително комплексен и долготраен. Ни претстои обемна работа. Секоја помош во овој правец е драгоцена, нагласи Димовски, оценувајќи ја како особено добредојдена поддршката од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО).

Во Македонија просечната големина на земјоделски стопанства од 2,5 до 2,8 хектари и на катастарските парцели од 0,3 до 0,5 хектари е далеку под големината на парцелите на земјоделското земјиште во ЕУ. Околу 40 отсто од приватните стопанства се помали бизниси и имаат земјоделско земјиште помало од 2 хектара.

Минатата година беше донесена Националната стратегија за консолидација на земјоделското земјиште за периодот 2012-2020 која ги вклучува целите и инструмените што треба да се постават во аграрната, руралната, но и фискалната политика, а кои се однесуваат на целосно реструктуирање на површините.

- Со Стратегијата се опфатени неколку модели на консолидација, од доброволна до сеопфатна размена што вклучува пошироки региони каде земјиштето ќе се окрупнува со репарцелизација и изградба на системи за наводнување, локални, полски патишта,... Притоа ќе се земат предвид сите досегашни најдобри странски искуства, изјави Перица Ивановски од Министерството за земјоделство.

Буџетот за консолидација годинава ќе биде околу 100.000 до 200.000 евра, а до крајот на 2020 ќе достигне 4 до 5 милиони. Средствата се проектирани во Програмата за рурален развој.

Како што информира Иваноски, годинава почнува голем проект за консолидација на земјиштето поддржан од ФАО, а во 2015 ќе се спроведува уште еден, во неколку општини, кој паралелно ќе опфати и покрупни инвестиции за наводнување и рурална инфраструктура, поддржан од Европската комисија. Првиот петгодишен период од Стратегијата, до 2016 година, главно ќе се покриваат активностите од донаторите.

Странските експерти се согласни дека почетокот на консолидацијата е значително тежок посебно кај нас зашто станува збор за екстремна фрагментираност на земјиштето. Воедно процесот е и многу сензитивен зашто ја тангира сопственоста на фармерите. Оттука, освен владина поддршка, потребна е и голема транспарентност.

- Холандија почна со окрупнување на земјоделското земјиште во триесетите години од минатито век, но сериозно зема замав по втората светска војна. Шеесетите години беа многу важни од апсект на восопставувањето одржливо земјоделство преку зголемување на рационалноста. Оттогаш, земјата продолжува да инвестира не само во земјоделството, туку и во процеси како што се заштита на животната средина и менаџирање со водни ресурси, рече Франк Вон Хост од Холандија.

Проблем со фрагментираност на земјиштето имаат сите земји од регионот и генерално, државите кои минуваат низ процесот на транзиција.

На денешната конференција прва од ваков тип кај нас, организирана со поддршка на Европската комисија, учествуват претставници и експерти од 20 земји членки на Унијата и од земји кандидати за членство. Во фокусот се политиките за консолидација на земјиштето. Се разгледуваат и сите поволни модели, како и различни искуства од оваа сфера.