Министерот Димовски на одбележувањето на Денот на тутунските работници во Прилеп

Дата на објава: 
4 Април 2013
100_6131.JPG

На шест најдобри тутунопроизводители и на 41 успешен тутунар денеска во Прилеп им беа врачени признанија и награди за достигнувањата во производството на оваа индустриска култура, по повод 4 април-Денот на тутунските работници и на производителите.


Воедно Сојузот на тутунските здруженија која ја организираше свеченоста одбележа и 60 години постоење. На денешен ден 140 години од постоењето одбележува и Прилепскиот тутунски комбинат, основоположникот на тутунската индустрија во Македонија.


Министерот за земјоделство Љупчо Димовски обраќајќи им се на тутунарите нагласи дека околу 22 отсто од земјоделците во државата се посветени на производството на ориенталниот тутун, а извозот е 3,2 насто од бруто домашниот производ.

- Во 2012 година се склучени 29.090 договори за производство на тутун, што е работа за 30 илјади семејства, а во тутунското стопанство работат 3.000 лица и околу 2.000 сезонски работници. Тутунскиот сектор директно влијае врз економијата во државава, зашто 30 отсто од буџетот се полни од работењето на тутунските компании по основ на даноци и други давачки, рече Димовски

.

Тутунот од сите земјоделски култури единствено е однапред договорен за откуп со познати цени со исплата во рок од 30 дена, а државата пред само две недели ги исплати субвенциите за ланската реколта.


- Владата како и досега ќе продолжи да го поддржува тутунопроизводството. Согласно националната програма до 2017 производството на тутун ќе се поддржува со 60 денари за секој произведен и откупен килограм тутун, а од 2014 поддршката ќе биде условена со воведени принципи за добра земјоделска практика, истакна Димовски.


Според Данчо Милевски, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија во изминатите децении се настојувало да се подобрат условите за производство и да биде тутунот доходовен.


- Нашите настојувања се за сите барања да се седне на маса, а не на улица.  Се изборивме за повисоки цени по класи, а еве најавите се дека и годинава ќе има зголемување во просек барем по 10 денари за килограм. Битно е да се зголеми цената на првата и на третата класа. Освен тоа сега ќе инсистираме да се подобрат условите, пред се кај осигурителните компании, за тутунарите да го осигуруваат родот зашто моментално многу мал дел, околу 1.000 земјоделци го осигурале родот од непогоди. Во тек се преговори со компаниите за намалување на франшизата. Многу е битно што државата учествува со 60 отсто. Сакаме да се вратиме на некогашното успешно колективно осигурување на родот, изјави Милесвки. Тој најави дека годинава површините со тутун ќе бидат зголемени за 20 отсто и оти компаниите веќе почнуваат да склучуваат договори.


Тутунот е исплатлив потврдуваат производителите. Еден од наградените Ицко Митрески од Мало Коњари произведува седум декари тутун, останува со тутунопроизводството за кое вели дека е исплатливо, особебно со владините субвенции од 60 денари за килограм.


Првонаградените тутунари на денешната пригодна свеченост добија машини за нижење тутун, а беа поделени и други соодветни награди за најуспешните тутунари во земјава