Фитосанитарната лабораторија со акредитација за меѓународно признати анализи

Дата на објава: 
28 Март 2013
DFL.jpg

Македонската Државна фитосанитарна лабораторија (ДФЛ) прва во Југоисточна Европа доби акредитација за дијагностицирање два карантински растителни вируси согласно европските стандарди.

 

Како што беше речено на денешната промоција, лабораторијата ги сертифицираше и методите за анализа на активните материи во производите за заштита на растенијата.

 

Методите се нова алатка на домашниот фитосанитарен систем за подобра заштита на населението и зголемена безбедност на храната. Воедно на ДФЛ и овозможуваат да стане компаративна и конкурентна со фитосанитарните лаборатории во ЕУ.

 

Акредитацијата ќе значи поголема контрола на квалитетот на производите за заштита на растенија при увоз, во земјоделските аптеки и на самото место на апликација.

 

- Со користење квалитетни производи за заштита на растенија се овозможува поголем економски профит за земјоделците и зголемена безбедност на храната за крајните потрошувачи, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Според него, акредитираните методи за дијагностика на карантинските растителни вируси се значајни при вршењето контрола на оранжериското производство на домати и други раноградинарски култури, тутун, како и здравствена контрола при увозот на семенскиот компир.

 

- Една од целите на Државната фитосанитарна лабораторија е да се движи во насока на зголемување на бројот на методи за дијагностицирање болести кај растенијата и семенскиот материјал, поддршка на органското производство со утврдување на пестицидни резидуи во храната, како и производство на здрав и сертифициран семенски и саден материјал. Значењето на добиените резулати од ДФЛ е огромно зашто директно влијае на квалитетот на домашното земјоделско производство, на зголемениот извоз на земјоделски производи на меѓународните пазари, како и на пласирањето безбедна храна од растително потекло на домашниот пазар, истакна Димовски.

 

Директорката на лабораторијата Билјана Коруновска го потенцираше економскиот ефект од сертифицирањето на методите. Со акредитацијата ќе нема одлевање на финансиски средства за вршење вакви испитувања во други држави.

 

- Ќе им помогнеме најмногу пред се на фармерите, но и на државата преку навремено дијагностицирање штетници и добивање за сертифициран саден и семенски материјал, истакна Коруновска.

 

Целокупниот бенефит, напомена, е добивање здрава храна, одржување на здравјето на населението и на животните, како и на здравата животна средина.

 

ДФЛ е орган во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Се занимава со анализи на штетни организми, производи за заштита на растенија и семе и саден материјал. Осно­ва­на е во 2005 година со средства од националниот буџет на Република Македонија и КАРДС програмата 2001, со која се финан­си­ра­ше реновирањето и набавката на опремата.

 

Со поддршка на Проектот за национален интегриран фитосанитарен систем (НИПС) дониран од ЕУ, се даде техничка поддршка за етаблирање на ДФЛ како основен дел од националниот фито­са­нитарен систем. Изминатите години Лабораторијата континуирано има поддршка, не само од Владата, туку и преку меѓународните проекти кои овозможија зајакнување на нејзините капацитети.

 

Сертификатот за вршење анализи на активните материи во производите за заштита на растенијата и за дијагностика на два карантински растителни вируси ДФЛ го доби овој месец од Институтот за акредитација на Република Македонија.