Владин тим во посета на Балканска млекара

Date of publication: 
15 March 2013
JPG

Турски „Суташ“ кој ја купи млекарата „Сведмилк“ најавува почеток на производство во мај годинава. Ќе почне со шест категории производи. Досегашната инвестиција е 10 милиони евра и се ангажирани околу 50 вработени.

Владин тим предводен од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го посети производствениот капацитет на Суташ во Македонија „Балканска млекара“, при што се запозна со активностите што ги спроведува турскиот инвеститор за почеток на производството. На посетата беа и замениците министри за земјоделство, Зоран Коњановски и за економија Христијан Делев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски потенцира дека Владата ќе излезе во пресрет на компанијата да се овозможи амбиент во кој ќе го проширува своето производство. Потенцира дека Македонија е увозно зависна од млеко и оти не ги задоволува потребите на пазарот, но дека компанијата ќе добие поддршка, во креирање на свој бизнис план.

Според министерот Димовски, позитивно влијание ќе има и изградбата на репро центар, со што на некој начин дополнително ќе се зајакнат кооперативните односи со сточарите.

Вицепремиерот пешевски изјави дека со ова очекуваме долгогодишната сага на Сведмилк да биде успешно завршена. Се работи  за најголемата млекара во Турција со обрт од над 500 милиони евра. Инвеститор кој го знае бизнисот и има огромно искуство  во сите сегменти и одлично портфолио на производи кои во Македонија ќе бидат со навистина добар квалитет,  а со оглед на тоа што ќе покрива и дел од соседните пазари се зголемува и извозниот потенцијал, изјави Пешевски.

Покрај директните вработувања, тој потенцира дека позитивно ќе влијае на вработувањето во државата, со оглед на тоа што ќе има и откупни центри и голем број кооперанти кои ќе ја снабдуваат млекарата со млеко.

„Балканска млекара“ на почетокот  ќе произведува 45 тони млеко дневно, а капацитетот на фабриката е 180 тони млеко на ден. Планира инвестиција од пет милиони евра до крајот на годинава, а бројот на вработувањата да достигне до 200.

- Ќе бидеме сопственици на најмодерната фaбрика во Македонија. Веруваме и се потпираме на нашето 38-годишно искуство кое ни кажува дека може да се носиме со сите конкуренти на пазарот, рече генералниот менаџер на млекарата  на „Суташ“ во Македонија Али Мушевик Созер.

Планираат да го пренесат интегрираниот систем на работење, од трева до трпеза и во Македонија. Во таа насока бараат земјиште за фарма не подалеку од 20 до 25 километри оддалечена од фабриката, во која би се одгледувале на почетокот 1.250 висококвалитетни крави. Покрај тоа, во план е и откуп на земјиште за производство на сточна храна без афлатоксини.

Ова е прва фабрика на турската компанија надвор од Турција.

- Одлучивме да инвестираме на Балканот и потоа ја избравме Македонија, со која имаме културна и историска поврзанот, но придонесе и поволната бизнис клима и добрата соработка што ја имаме со Владата, истакна Созер.

Балканската млекара е лоцирана во општина Илинден, а според градоначалникот на Општината, како и другите инвестиции во овој регион, се вклопува во планот за локален економски развој и ќе придонесе кон намалување на невработеноста.

„Суташ“ седум години е водечки бренд во  Турција. Вработува 4.000 лица, има 750 милиони литри производство и 69 производи од шест категории. Суташ, минатата година ја купи „Сведмилк“, а планира во новата млекара да ги воспостават нивните вистински стандарди.