Министерот Димовски се обрати на работилницата за финансирање и осигурување во земјоделството

Date of publication: 
28 February 2013
0007.jpg

За 2013 година државата обезбеди околу 35 милиони денари со кои ќе покрива 60 отсто од трошоците за полиси на земјоделските површини. Во мерката е вклучено и пчеларството.

- На земјоделците им нудиме можност да ги осигуруваат културите од несакани временски непогоди или последици од климатските промени за да ги покријат трошоците на производство и загубите, истакна министерот Љупчо Димовски.

Тој напомена дека ваква мерка во регионот нема, но постои во развиените земји членки на ЕУ.

- Не сме задоволни од процентот на искористената поддршка. Апелираме до земјоделците да побараат средства зашто нема подобро решение за покривање на загубите од осигурувањето на посевите, подвлече министерот Димовски.

Во обраќањето на работилницата, министерот потенцира дека финансирањето и осигурувањето се основа за воведување модерно, стандардизирано и одржливо производство.

Се уште минимален број земјоделци ги осигуруваат посевите поради што е многу мала и реализацијата на владината поддршка за оваа намена. Според последните податоци, само 1.300 искористиле субвенции за полиси или вкупно 21 милион денари.

- Не сме задоволни од апсорпцијата на средствата, но сепак, во однос на 2008 година кога оваа мерка беше првпат воведена, заинтересираноста за осигурување на обработливите површини се зголемува. Тогаш 300 земјоделци користеа поддршка и беа потрошени три милиони евра, изјави Перица Ивановски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според Ивановски, не само што има можност, туку е огромна и потребата од што поинтензивно осигурување на посевите. Тоа се потврди и со поројните дождови и поплавите што ја зафатија Македонија деновиве.

Вреднувањето на земјоделското производство од страна на осигурителните компании и дефинирањето на условите во полисата се меѓу клучните причини поради кои производителите во мал процент ги осигуруваат површините. Најмногу полиси има за градинарството, лозарството и овоштарството.

Проценките се дека пред почетокот на глобалната криза, за инвестиции во земјоделското производство беа пласирани  кредити во вредност од околу 10 милиони евра. Годишно, по овој основ, во просек, како што рече Ивановски, се повлекуваат по 6 до 10 милиони евра.