Одбележана деветгодишнината од смртта на Претседателот Борис Трајковски

Дата на објава: 
26 Февруари 2013
jpg

Во Ротимље, во близина на Мостар Владина делегација предводена од Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски ја одбележа деветгодишнината од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој таму загина во авионска несреќа. Во делегацијата покрај министерот Димовски беа и Рами Реџепи, Амбасадор на Република Македонија во Босна и Херцеговина, Емил Димитриев, заменик министер за одбрана, доцент д-р Димче Петровски, бригаден генерал и Љупчо Арнаудоски, заменик генерален секретар во кабинетот на претседателот на Република Македонија.

- Претседателот Борис Трајковски беше личност која демонстрираше врвен патриотизам, еден од најдобрите луѓе што може една земја да ги поседува. Како голем поборник за единствена Македонија, Претседателот Трајковски беше активен во се она што го правеше, вистински верувајќи дека Македонците со различно етничко и религиозно потекло можат да живеат и работат заедно, личност која безрезервно и несебично се посвети на својата Татковина – рече министерот Димовски на денешната комеморација во Ротмиље.

Од името на македонската држава, од името на македонскиот народ и во свое име на овој ден ви се обраќам со голема тага и неизмерна почит на сите Вас кои загинавте тој кобен 26-ти февруари. Република Македонија е горда што ве имаше, што имаше луѓе како Вас, храбри и посветени професионалци и најмалку што може Македонија да стори за Вас е да внимава, да го негува и надградува Вашето наследство – истакна министерот Димовски.

На денешната комеморација во Ротмиље присуствуваше и висока делегација од Босна и Херцеговина предводена од министерот за земјоделство Мирко Шаровиќ кој го истакна огромното значење кое го имаше претседателот Борис Трајковски за целиот регион.

Претседателот Борис Трајковски на денешен ден во 2004 година загина во авионска несреќа во близина на Мостар, Босна и Хрецеговина. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.