Средба на министерот Димовски со амбасадорот на Словенија Бранко Раковец

Date of publication: 
21 February 2013
jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, денска се сретна со  амбасадорот на Словенија НЕ Бранко Раковец. На средбата стана збор за соработката на двете земји во областа на земјоделството која се реализира согласно Договорите меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за соработка во областа на заштита на растенијата и за соработка на полето на ветеринарна медицина.

 

Како што истакна министерот Димовски Република Словенија е еден од стратешките партнери на Република Македонија во поддршката на структурните и правни  реформи во процесот на европската интеграција. Тој го информираше амбасадорот Раковец дека словенечката Влада издвојува одреден буџет за исполнување на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија односно реализирање на европската ориентација на Република Македонија. Главно техничката поддршка од Република Словенија во областа на земјоделството се реализира согласно Програмата за техничка соработка која се ажурира и надополнува секоја година. Техничката помош преку оваа програма се реализира преку различни форми на поддршка  експертска помош, студиски  посети, обуки, работилници и тоа во областа на руралниот развој, сточарството односно млеко производството, подготвување на оперативната структура за спроведување на ИПАРД, различни сегменти од земјоделскиот – информативен систем, како и уредување на заеднички пазари за одделени земјоделски производи.

 

Оваа година во рамките на Програмата за техничка соработка во областа на земјоделството техничката помош ќе се реализира областа на фитосанитарната политика анализа на земјоделската политика, трговската политика, шумската и ловната инспекција, зоотехниката, како и во областа на семето и садниот материјал.

 

Министерот Димовски додаде дека покрај Програмата за техничка соработка, интензивна техничката соработка со словенечките колеги и во словенечките институции е реализирана и преку TAIEX инструментот  и тоа, во областа на фитосанитарната инспекција,  семе и садниот материја, органското земјоделско производство, медиумска кампања за руралниот развој итн. Исто така, истакна тој, преку АгБиз програмата обезбедена е експертска помош во процесот на подготвување на значајни стратешки документи за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а спроведени се обуки за зајакнување на вештини на преговарачките тимовите за поглавје 11 за земјоделството и руралниот развој. Дополнително, кажа Димовски, словенечки експерти учествуваат и обезбедуваат поддршка во рамките на ИПА проектите од 1 компонента (техничка соработка и институционална надградба) како што беше во рамките на проектот за Агро-еколошката програма, уредување на заедничките пазари итн.

 

Исто така министерот Димовски кажа дека во тек е втората фаза од проектот поддржан од ИПА 1 компонента „Понатамошна надградба на системот за идентификација на  земјишните парцели со Интегриран административен и контролен систем“ кој го спроведува Геодетскиот завод од Цеље на Република Словенија, кој исто така ја реализираше и првата фаза од овој проект.

Амбасадорот Раковец му се заблагодари на минисерот за прекрасните зборови кои ги кажа за билатералната соработка и истакна дека оваа успешна соработка помежу двете земји треба да продолжи и понатаму. На крај министерот Димовски изрази благодарност до амбасадорот Раковец за подршката која ни ја дава Република Словенија посебно во областа на земјоделството и стакна дека оваа успешна соработка може само да се продлабочува.