Реакција на Министерството за земјоделство по повод денешниот протест на СДСМ пред министерството

Date of publication: 
13 February 2013

Денес земјоделците кои учествуваа на јавната расправа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за заедничко договарање на спроведувањето на нивните земјоделски политики за 2013 година, пред зградата на Министерството имаа можност да ги видат лажните душегрижници за нивните состојби кои, тогаш кога беа повикани и одговорни да направат нешто за нив, најблаго речено ги игнорираа дека постојат.

Жално е што за опозиционите господа продолжува собраниската надзорна расправа на која доживеаја целосно фијаско токму од самите земјоделци.

Смешно е повторувањето на случаи на кои им е одговорено во целост, со што со своите лаги повторно се обидуваат да ја манипулираат јавноста, во иста мера како што се невешти наброените податоци кои само ним им се познати.

Патем, да потестиме дека овие господа дури и во опзиција преку блокирање на буџетот за 2013 година во Собранието се обидуваа заслужените пари за субвенции воопшто да не стигнат до земјоделците.

Од друга страна, финансиската поддршка на земјоделците од Владата на ВМРО ДПМНЕ и партнерите од Коалицијата „За подобра Македонија“ и во услови на тешка економска криза не изостанува.

Каква би била состојбата во земјоделството доколку, како во времето на СДСМ, таква поддршка не постоеше излишно е да се говори.

Тоа го знаат граѓаните на Македонија, и особено самите земјоделците кои денес ги немаше меѓу таканаречените загрижени протестанти за аграрот. Спротивно на тоа земјоделците беа присутни во самата зграда на Министертвото креирајќи ги земјоделските политики.

Истовремено, од другата страна,СДСМ пред себе виде модерна европска зграда, дом на почитуваниот македонски земјоделец и селанец, изградена со внимателно и рационално трошење на средствата, која е замена за распаднатите бараки и скапите кирии од по 30.000 евра месечно кои во нивно време се слеваа во џебовите на закупувачите на просторот блиски на СДСМ.

Сепак е позитивно што и покрај се, СДСМ конечно откри дека во Македонијапостои земјоделски сектор.

Таканаречените денешни земјоделци ги потсетуваме дека земјоделството и посветеноста на подобрување на животот на луѓето во руралните средини, останува клучен приоритет на владините политики како и досега и во следниот период.