Промоцијата на виното на странските пазари веќе дава одлични резултати

Date of publication: 
10 February 2013
JPG

Извозот на македонското вино на странските пазари бележи континуиран раст. По 2011 година која беше забележана како рекордна по пласманот на вино во последните 20 години, бројките велат дека количината на извезеното вино и понатаму расте. Потврда за тоа даваат и податоците за минатата 2012 година во која извозот на виното е зголемен за околу 18% , а остварениот девизен прилив за 25% споредбено со претходната година. Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски при денешната посета на винаријата „Визба Валандово“ истакна дека ваквиот тренд продолжува и оваа година.

 

„Ние целата квота за извоз на наливно вино на земјите од Европската Унија заклучно со четврти февруари веќе ја исполнивме. Значи подобар индикатор за тоа дека веќе над 30 милиони литри вино се пласирани на пазарот од Европската Унија нема“ рече министерот Димовки.

За производителите на вино покрај високиот квалитет кое македонското вино го има, многу значи и поддршката која тие ја добиваат од страна на владата во делот на промоцијата надвор од нашите граници.

 

„Без добар маркетинг нема никогаш да добиеме повеќе отколку што имаме сега. Значи во маркетингот, ако сакаме напред треба сите сили да ги вклучиме“ истакна Вита Хузјан од Визба Валандово.

 

Следната голема промоција на македонските вина ќе биде во Москва на меѓународниот саем за пијалоции „ПРОДЕКСПО“ кој започнува утре. За овој саем кој важи за еден од најголемите во Руската Федерација министерството за земјоделство обезбеди штанд од 56 квадрати на кој свое учество ќе имаат шест македонски компании.