Министерот Димовски одржа состанок со Потсекторската група за житни култури

Дата на објава: 
3 Декември 2012
 потсекторска.jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска одржа состанок со Потсекторската група за житни култури. На денешниот состанок, се констатираше дека примената на одредени агротехнички мерки или некоја група хербициди, како и неупотребувањето квалитетен семенски материјал се меѓу потенцијалните фактори што го намалија квалитетот на оризот.

- Се соочуваме со неочекуван проблем за кој причините се непознати. Затоа бараме помош од сите институции кои се во можност да дадат насоки и совет. Претстојат консултации со науката која очекуваме да се произнесе и околу можноста кршливите зрна ориз да се искористат како сточна храна, изјави министерот Димовски по состанокот.

Се уште не е утврдена причината за енормната кршливост на оризовото зрно што годинава ги затече производителите. Приносот, велат, е преполовен и кои било мерки да се донесат, нема да ја надоместат загубата.

Состојбата значително ја отежнуваат преработувачите со снижувањето на откупната цена, од 20 на 12 денари за килограм.

Климатските услови како фактор се исклучени со оглед дека во околните земји со слични временски карактеристики, Грција, Италија, Турција, оризот не манифестирал кршливост.

- Ова е проблем што нема решение. Ако приносот е преполовен, може да се преземат низа мерки со кои евентуално само би се ублажил, рече претседателот на Самостојниот синдикат на земјоделски производители Ставре Јанев.

Според него, интересот за оризот опаѓа, но голем придонес во обезбедувањето позитивни решенија и останувањето на традицијата за производство треба да дадат откупувачите.

- Наместо да гледаат во нас само извор на солидна заработка, тие треба, особено во вакви години, да практикуваат попопуларни мерки со кои ќе не заштитат, порача Јанев.

Тој смета дека цената на оризот и покрај актуелниот проблем, треба да биде најмалку 18 или 19 денари за килограм.

Јанев ги обвини трговците преработувачи и за недоволното користење квалитетен семенски материјал од страна на производителите. - Ако денес цената на арпата е 15 денари, а килограм семенски материјал е 85 денари, сами пресудете колкави се можностите за негова употреба. Но, доколку се утврди соодносот меѓу меркантилното и квалитетното семе, сигурно над 90 отсто од производителите ќе го користат, посочи Јанев.

Потсекторската група расправаше и за моментното функционирање на пазарот.

- Односите на пазарот се нарушени, понудата на арпа е многу повисока од побарувачката. Ќе ги искористиме сите инструменти што се на располагање, повторно ќе разговараме со двете страни. Имаме максимално коректен однос од страна на производителите, тоа го очекуваме и од откупувачите, потенцира министерот Димовски.

Одговорајќи на новинарско прашање, и министерот Димовски и Јанев подвлекоа дека проблем со висината на субвенциите за оризот нема.

- Некој настојуваше да ги изманипулира земјоделците во однос на роковите за поднесување барања за субвенции. 15 декември е рокот за аплицирање за тековната 2012 година по чие завршување, во 2013, согласно Програма за поддршка, барањата по основ на откупен килограм оризова арпа ќе продолжи до 30 јуни. Тоа значи дека нема да има дисконтинуитет во однос на аплицирањето, напомена Јанев.

На Македонија првпат и се случува проблем со кршливост на оризовото зрно. Од годинашниот принос на арпа кој достигна 24.000 тони, ќе се добијат најмногу 7.000 тони бел ориз што е преку третина од вообичаените 12.000 до 13.000 тони.

Изминатите пет години површините под ориз се зголемени за 60 отсто, а вкупното производство на оризова арпа за 71 процент