Министерот Димовски во Охрид го отвори Форумот за земјоделска политика 2012

Дата на објава: 
17 Октомври 2012
4902.JPG

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Охрид го отвори Форумот за земјоделска политика 2012, во чија работа учествуваат претставници на ресорните министерства од 10-те држави-членки на Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите на Југоисточна Европа, како и претставници на институциите на ЕУ и на Австрија, Германија, Унгарија и Словенија, со статус на земји-набљудувачи.

 

Во обраќањето пред учесниците министерот Димовски нагласи дека повеќе од една деценија Форумот за земјоделска политика е предводник во развојот на политичките дијалози на земјите на Југоисточна Европа и двигател во иновацијата и позитивните промени во земјоделството и руралниот развој.

- На регионално ниво, Форумот за земјоделска политика претставува еден од најголемите собири на сите оние кои ја креираат политиката на кој начин се дискутира за главните теми во земјоделството и руралниот развој, како и формулирање на политиката и перспективите, рече тој.

Притоа Димовски потсети дека Форумот за земјоделска политика е добра можност на сите учесници во работата на собирот за размена на сопствените искуства, како и можност за унапредување на натамошната соработка.

- Нашите земји се подготвени да го споделат националното искуство со колегите од другите земји. Истовремено се надеваме дека и ние ќе се здобиеме со корисно меѓународно искуство, преку зголемена размена на искуство, дискусии и соработка, за да ја подобриме нашата работа, истакна Димовски изразувајќи уверување дека преку учеството во дискусиите на темите на Форумот, преку слободна и експлицитна дискусија ќе се придонесе кон формулирањето на политиките и перспективите.

 

Форумот за земјоделска политика 2012 ќе се осврне на имплементацијата на идната земјоделска политика и политиката за рурален развој на Европската унија и нејзиното влијание врз земјите од Југоисточна Европа. Форумот ќе се фокусира на земјоделството и руралниот развој кои водат сметка за заштита на животната средина, понатаму за предизвиците поврзани со климатските промени и територијалната и регионалната соработка.

 

Инаку, Република Македонија претседателствува со Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите на Југоисточна Европа што, како што истакна министерот Димовски, претставува уште една потврда за позитивните политики што ги спроведува државата кога станува збор за областа на земјоделството.

 

Бобан Илиќ, Генерален секретар на Постојаната работна група за регионален рурален развој истакна дека од форумот во Охрид ќе биде издаден завршен документ, т.н. „Охридска агенда 2012“, што ќе биде доставен до надлежните европски институции, како Европарламентот, директоратите за земјоделство, различни комитети, агенциии, институции што се поврзани со односната тематика, преку кој ќе бидат презентирани позициите на регионот од ЈИЕ кон темите и проблемите што ги обработува Форумот, а се во врска со заедничката аграрна политика.