Министерот Димовски во Москва се сретна со рускиот министер за земјоделство Фјодоров

Date of publication: 
9 October 2012
jpg

,,Размената на земјоделски производи со Република Македонија е зголемена неколкукратно. Се повеќе увезуваме производи од Македонија. Со ниту една земја не сме имале такво интензивирање на соработката како со вашата земја. Нашите потрошувачи веќе ги препознаваат македонските производи, кои се конкурентни и имаат препознатлив квалитет. Има големи перспектива  за пласман на овошје и зеленчук на рускиот пазар.“ Ова на билатералниот состанок кој попладнево се одржа во Москва, Русија му го порача на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, Николај Фјодоров, министер за земјоделство на Руската  Федерација.

Министерот Фјодоров понуди извоз на месо од Македонија во Русија по повластена царинска стапка, со тоа што прво треба да се усогласат процедурите и  документите со нивната царинска управа. Овој предлог пристигна во време кога Владата на Република Македонија се заложува за слободна трговија со Руската Федерација. Исто така министерот Фјодоров понуди и извоз на живина, жито и масло, производи кои Македонија ги нема во доволни количини.

Министерот Димовски ја изрази својата благодарност за поканата до неговиот руски колега и истакна дека секогаш со задоволство доаѓа во Москва и Русија. Тој напомена дека Македонија посветува особено внимание на соработката со Руската Федерација, особено на соработката во земјоделството. Министерот Димовски до неговиот колега Фјодоров упати покана  за посета на нашата земја со цел поблиско запознавање со потенцијалите на агро секторот во Република Македонија

Министерот Димовски во тој контекст уште еднаш ја реафирмираше потребата од либерализација на трговскиот режим со Руската Федерација и позитивно го оцени предлогот за повластен третман при увозот на опредени производи од Република Македонија како јагнешкото месо.