Владата ја усвои Стратегијата за консолидација на земјоделското земјиште 2012-2020

Date of publication: 
21 September 2012
jpg

Владата на Република Македонија на последната седница ја усвои Стратегијата за консолидација на земјоделското земјиште за периодот од 2012 до 2020 година.

Стратегијата е во состав на мерките на македонската Влада за зголемување на продуктивноста на земјоделството како сектор.

Како што информираше вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на денешната прес-конференција, еден од основните услови за да има современо и модерно земјоделско производство, потребно е да има релативно големи парцели на земјиште.

- Во Македонија просекот на земјоделците, на земјоделската површина која ја обработуваат е 1,6 хектари. Европскиот просек е околу 20 хектари, при што оние кои достигнуваат највисока продуктивноста во просек имаат над 50 хектари земјоделско земјиште за обработка, рече Пешевски.

Со стратегијата, како што истакна, првпат ќе бидат преземени конкретни чекори во насока на консолидација на земјиштето. Дел од стратегијата опфаќа и носење закон за консолидација на земјоделското земјиште кој ќе биде донесен до крајот на 2012 година.

- Во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во фаза е формирање сектор за консолидација на земјиште кој ќе работи на овие политики и доколку се јави потреба понатаму постои можност истиот сектор да се трансформира во агенција, додаде Пешевски, нагласувајќи дека во рамки на програмите за поддршка на руралниот развој ќе бидат предвидени и средства со кои подготовката на елаборатите за размена на земјиштето ќе бидат сто проценти покриени од страна на државата.

Пешевски потенцираше дека се планира подоцна да се оформи и таканаречена банка на земјиште. Оние кои не го обработуваат земјиштето ќе можат да го депонираат во банката за да биде дадено на користење со надомест на некој што сака да го обработува.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски рече дека новововедената политика за консолидација на земјоделското земјиште е во насока на ублажување до постепено надминување на неповолната структура на земјоделското земјиште како основен ресурс за земјоделско производство, а со цел зголемување на конкурентноста.

- Со консолидацијата ќе се подобри неправилната форма на парцелите со цел примена на современи технологии и техники на производство, зголемување на просечната големина на земјоделските стопанства со вклучување на сите расположливи ресурси, обезбедување пристап на парцелите до рехабилитираните мрежи за наводнување на патната инфраструктура и намалување на необработеното и напуштено земјиште со негово повторно огласување под закуп, појасни Димовски.

Во иницијалниот период од 2012 до 2014 година, според министерот, главно активностите ќе бидат насочени кон поставување законски и институционални услови, како и имплементација на мали до средно-големи проекти за доброволна размена на земјиштето.

- По 2015 година процесот на консолидација ќе продолжи со имплементација на покомплексни интегрирани проекти на консолидација на поголеми области и со поголеми инфраструктурни инвестиции, додаде Димовски.

Финансирањето на процесот на консолидација ќе биде обезбедено преку проектите за рурален развој со пилотирање на посложените процеси преку Првата компонента од ИПА и со постепено префрлување на мерките за консолидација во ИПАРД Програмата после нејзиното акредитирање