Прва средба на министерот Димовски со новиот амбасадор на Државата Израел надлежен за Македонија

Дата на објава: 
12 Септември 2012
P9120011.JPG

На денешната средба на министерот Љупчо Димовски со новиот амбасадор на Државата Израел, Јоси Амрани надлежен за Република Македонија со седиште во Загреб, беше истакната досегашната успешна соработка меѓу Република Македонија и Државата Израел која се темели на цврсто пријателство, взаемна почит и волја за понатамошно унапредување на односите меѓу двете земји. Оваа соработка се очекува да се развива и во иднина имајќи ги предвид потенцијалите на двете земји во земјоделството како важна гранка на стопанството, со цел подобрување на стандардот на живеење на населението во руралните средини.

 

Соработката во земјоделството, која во последниот период се интензивира преку отпочнување на проекти за техничка поддршка, пренос на современа израелска технологија, знаење, искуства, како и специјализирани обуки и други форми на поддршка, во месец мај 2012 година се формализираше со потпишување на  Аранжман за соработка во областа на земјоделството меѓу Република Македонија и Државата Израел од страна на двајцата министри за земјоделствоза за време на посетата на министерот Димовски на Израел.

 

Аранжманот за соработка предвидува: градење на капацитети и размена на know how, размена на искуство во земјоделски техники и технологија,  соработка на ниво на советодавните служби, размена на информации од областа на земјоделството, промовирање на јавни – приватни партнерства (ЈПП),  диверзификацијата и интензивирање на земјоделското производство, рурален туризам како важен сегмент од руралниот развој, управување со вода за наводнување и иновативни технологии за наводнување, производство на сертифицирано семе и саден материјал, размена на информации кои се однесуваат на соодветните регулативи од областа на фитосанитарната политика, заштитата на растенијата и ветеринарството. како и други форми на соработка меѓу двете министерства.

 

На средбата беше истакната подготвеноста на израелската страна за поддршка на македонското земјоделство преку веќе отпочнатиот Проект за производство на сертифициран семенски и саден материјал. За спроведување на проектот од април 2012 година, во Република Македонија  е присутен израелскиот експерт Гиора Теслер кој во наредниот период ќе се фокусира на неколку клучни апсекти во производството на градинарски култури и високо квалитетен семенски и саден материјал.

 

Беше истакнато дека во изминатиот период израелскиот експерт реализираше бројни посети во регионот на Свети Николе, но и во други делови на Македонија со цел да се согледаат потенцијалите за подигнување на расадници за семе и саден материјал, кои ќе служат како центри за трансфер на современа израелска производствена технологија, пренесување на знаење и искуство за производство на квалитетен семенски материјал и спроведување обуки на производителите.

 

Израелскиот амбасадор изрази интерес за добивање дополнителни информации за дел од хидросистемите во Република Македонија, во кои не се завршени сите предвидени инвестициски зафати, за да се разгледа можноста од директни инвестиции на заинтересирани израелски компании.

 

На крајот од средбата беше уште еднаш потенцирана заедничката заложба за продолжување на дијалогот околу сите важни прашања за двете страни, како основа за развивање на успешна идна соработка.