По осум години забрана викендов се ловеше риба со блинкер на Охридското Езеро

Дата на објава: 
9 Септември 2012

По осумгодишна забрана викендов повторно се ловеше риба со блинкер на Охридското Езеро. Ловот го организираше новиот концесионер „Пастрмка 2012“ што го доби правото да стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро, согласно добиените одобренија од ресорното Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- По направените анализи и изготвената рибна основа за фондот на Охридското Езеро, во Владата и ресорното Министерство дојдовме до констатација дека постојната ситуација е неодржлива и оти е потребен организиран начин на рибарење на Охридското Езеро, односно издавање согласност за рекреативен, но паралелно и за стопански риболов, изјави денеска во Охрид министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Доколку правилно се води концесијата, односно навистина се спроведат сите мерки утврдени со договорот за стопански и рекреативен риболов, како што рече, ќе се реализираат голем дел од обврските што Министерството за земјоделство и Државениот инспекторат досега објективно не беше во состојба да ги реализира, пред се активностите насочени кон заштитата на рибниот фонд.

Тој нагласи дека двете концесии се тесно поврзани и оти само на таков начин, независно колку тоа звучи нелогично, преку доследно спроведување на одредбите од договорите за концесија може да се сочува рибниот фонд во езерото и да се прошири.

Министерот посочи и на проблемот со риболовот на албанската страна на Охридското Езеро.

- Досега имавме неколку разговори, со цел да се спроведе нешто слично и на албанската страна и да се воведе некој ред во изловот, пред се на ендемичните видови пастрмка. Начелно постои согласност, расположеност за разговори, меѓутоа остана на тоа. Сметаме дека сега кога имаме вистински концесионер на Охридското Езеро, и од албанската страна треба со поголема сериозност да се пријде кон прашањето, да се разговара и да се направи договор околу количините риба што се ловат од езерото, рече Димовски.

Ристо Танасоски од „Пастрмка 2012“ изјави дека интерес за риболов со блинкер на Охридското Езеро постои, но оти се уште рибарите не се подготвени, пред се поради дологогодишната забрана.

- Веројатно граѓаните не беа подготвени за толку брзо време да го подготват риболовниот алат. Веруваме дека доколку тоа не биде случај за наредните викенди во октомври, за догодина ќе бидат подготвени, рече Танасоски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со средства обезбедени преку Програмата за рибарство и аквакултура и натаму ќе врши порибување на езерото со подмладок на охридска пастрмка, и тоа со околу 1.6 милиони парчиња подмладок годишно.

Согласно мерките за збогатување на рибниот фонд на Охридското Езеро, во текот на утрешниот ден ќе почне порибувањето на езерото со подмладок на ендемичниот вид охридска пастрмка, обезбеден од годинашниот вештачки мрест. Предвидено е да бидат пуштени во езерото опколу над сто илјади парчиња подмладок, прихранувани околу 6,5 месеци и со просечна должина од осум сантиметри.