Доделени договорите за концесија за рекреативен и стопански риболов

Дата на објава: 
27 Август 2012
jpg

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска ги додели договорите за давање под концесија на акумулацијата „Шпилје“, Охридското и Дојранското Езеро за организирање стопански риболов, како и договорите за концесионирање на седум риболовни ревири и 18 риболовни зони за организирање рекреативен риболов.

Концесиите се за период од шест години, а начините и условите за користење се утврдени во риболовните услови. Во риболовните основи воедно е одредена и висината на финансисксите средства кои концесионерот ги уплаќа во Буџетот на Република Македонија како надомест за концесијата.

Надоместот за концесијата за рекреативен риболов изнесува 10 отсто од вредноста на продадените дозволи, а за стопанскиот е 10 проценти од продажната цена по видови риби.

Најповолни понудувачи за вршење стопански риболов се ПАСТРМКА 2012 ДООЕЛ – ОХРИД за риболовното подрачје Охридско Езеро, ДПТУ ФИШИЛАН ДООЕЛ – НОВ ДОЈРАН за Дојранското Езеро и ЗЗ ОХРИДСКА ПАСТРМКА – СТРУГА за акумулација Шпилје. Нивен приоритет ќе биде заштита од рибокрадење. Уште идниот месец, најавуваат, ќе почне физичката заштита на рибниот фонд во езерата, а охридската пастрмка повторно ќе се врати во малопродажбата и во угостителските објекти.

- До денеска, согласно Законот за рибарство и аквакултура целосно се спроведени две постапки за давање на рибите под концесија. Во првата постапка Владата додели на концесија риби од 21 риболовен ревир и четири рекреативни зони за рекреативен риболов. По нејзиното завршување, објавен беше нов конкурс за ревирите за кои немаше доставено понуди и за оние води, вкупно 21 риболовен ревир, за кои немаше избор на најповолен понудувач поради некомплетност на понудите во првата постапка, рече министерот Димовски пред доделувањето на договорите.

Покрај финансиските ефекти, додаде, главните придобивки од давањето на рибите под концесија е и обезбедувањето нови работни места со вработување рибари чиј број е одреден во риболовната основи, заштита на рибите преку вработување или ангажирање лиценцирани рибочувари, спречување на рибокрадството, контролиран и евидентиран улов, зачувување и заштита на автохтоните и загрозените  видови риби,...

Согласно договорите, основни обврски на концесионерите се одржливо користење на рибите и вршење улов согласно утврдените количини,  физичка заштита на рибите преку организирана рибочуварска служба, еколошка и здравствена заштита согласно законските одредби од областа на животната средина и  ветеринарството, како и водење и доставување евиденција за уловот и за сите преземени активности во врска со концесијата.

- Основната цел на договорите е овозможување трајно користење на рибите преку одржлив развој и евентуално зголемување на фондот на атрактивните и економско исплатливи видови риби, напомена министерот.

Во периодот што следи Министерството за земјоделство ќе достави до Владата предлог одлуки за почнување постапка за давање под концесија на рибите од сите останати риболовни води за не е доделена концесија, а за кои се изработени риболовни основи. Со тоа, како што рече Димовски, годинава би се заокроужила целата активност околу давањето на рибите под концесиија за вршење стопански и организирање рекреативен риболов на сите вриболовни води во Република македонија, освен на оние кај кои е забрането риболовење со посебни закони.