Формирано Републичко координативно тело за заштита од шумски пожари

Дата на објава: 
19 Јули 2012
P7190144.JPG

Со цел заштита од шумски пожари денеска Владата формира Републичко координативно тело, во чиј состав се претставници од сите надлежни институции од областа на  заштитата од пожари на отворен простор - Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЈП „Македонски шуми“, УХМР, МЖСПП, МВР, Министерството за одбрана...

Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

- На последниот координативен состанок на ова тело се донесоа повеќе одлуки со кои ЈП „Македонски шуми“ се задолжи за план за зајакнување на надзорот, односно набљудување на терен на кој може да се појават најсериозни опожарувања и за тоа најитно да ја извести Дирекцијата за заштита и спасување. Министерството за одбрана и МВР да ги ангажираат своите хелихоптери за превентивни летови за следење на ситуацијата и за дојава на евентуален почеток на шумски пожар, рече Димовски.

Тој додаде дека е дадено задолжение и до градоначалниците за навремено екипирање на тимови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожари доколку дојде до таква појава на територија на нивните општини.

Министерот Димовски потсети дека ЈП „Македонски шуми“ ја активира забраната за движење во шума до 31 август годинава.

- Се апелира до сите граѓани дека е строго забрането палење оган, правење скари, фрлање догорчиња и секаков запалив отпадок и материјали на отворен простор.  Оваа забрана, во согласност со МЗШВ, е активирана поради високите температури во овој период во годината и зголемената опасност од појава на пожари, додаде Димовски.

Против прекршителите на оваа забрана ќе бидат поднесени прекршочни пријави согласно Законот за шуми кој предвидува казна од 1.500 - 2.000 евра и врз основа на Законот за ловство кој пропишува глоба од 1.500 - 3.000 евра.

ЈП „Македонски шуми“ преку своите 30 подружници издава Одобрение за ограничено и контролирано движење во шума врз основа на барање за движење во шума поднесено од заинтересираните физички и правни лица.

Од ова ЈП ги повикуваат граѓаните при евентуално забележување на пожар да пријават на бесплатниот телефонски број 195 во Центарот за управување со кризи.

- Со цел заштита на шумите од пожари МЗШВ во 2012 година во текот на пролетниот период презеде превентивни мерки за заштита на шумите од пожари, при што во  мај се организираа 4 регионални работилници во Охрид, Струмица, Виница и Маврово, каде се обучија околу 120 обучувачи од надлежните институции -  Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Македонски шуми“, Министерството за внатрешни работи, Дирекција за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи,  Министерство за одбрана, Управата за хидрометеоролошки работи,  Министерството за животна средина и просторно планирање, потсети Димовски.

Тој додаде дека во текот на сезоната на појава на шумски пожари, во рамки на МЗШВ се формира Координативно тело во чиј состав влегуваат вработени од МЗШВ и ЈП „Македонски шуми“, со цел координација во спроведување на подготвителните и директните мерки за справување со шумски пожари.

Просекот на шумските пожари во последниве десет години, како што рече, изнесува 233 шумски пожари со просечно опожарени 10.500 хектари површина под шума и шумско земјиште. Штетите во шумите погодени од пожар, како и на трошоците за справување со пожарите надминуваат неколку десетици милиони евра. Сите овие шумски пожари се резултат на човечки активности, односно палења во земјоделството, невнимателно ракување со оган и што е најсериозно во последните десет години - намерно подметнување на пожари во шумите.