Одобрена нова ИПАРД мерка, за набавка на земјоделска механизација

Дата на објава: 
13 Јули 2012
jpg

Со нова мерка за набавка на земјоделска механизација се проширува ИПАРД Програмата, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

 

Ова, како што изјави министерот Димовски по денешниот состанок на Комитетот за следење на ИПАРД, е дополнителен исчекор за подобрување и модернизација на секторот по последната владина мерка за регистрација на старата механизација.

 

Министерот информира дека се разгледува и можноста од воведување мерка за инвестирање во руралната инфраструктура која би ја користеле општините со цел осовременување на неразвиените подрачја.

- Разговараме и за роковите на овие активности, за забрзување на динамиката, со цел навремено трошење на достапните средства и отстранување на ризикот од нивно евентулано неповлекување. Сепак, не смееме да заборавиме дека тоа во голем дел зависи од подготвеноста на земјоделците и земјоделските претпријатија да инвестираат во подобрување на своите капацитети, истакна министерот и потсети дека за да се поддржи процесот Владата во рамки на антикризните мерки издвои 10,8 милиони евра евтин кредит со пет отсто камата за земјоделските претпријатија.

 

Според оценката на Жерар Кели од Генералниот секретаријат при Европската комисија, моментно, апсорпцијата на ИПАРД средствата во Македонија не е на највисоко нив, но оди во вистинска насока.

- Слична е ситуацијата и во соседните земји. Сепак, многу е важно што ги детектиравме проблемите, знаеме каде се, а само така може да се решат, изјави Кели.

 

За надминување на утврдените недостатоци, додаде, неопходна е заедничка акција од сите инволвирани страни. Имплементацијата на ИПАРД, апсорпцијата на средствата и нивното искористување е тимска работа, меѓу Европската комисиај, министерствата за земјоделство и за финансии, како и крајните корисници - земјоделците/стопанствата.

- Најчесто се смета дека парите од ИПАРД се лесно достапни, но, за да се повлечат се неопходни два клучни аспекта, подигнување на стандардите и обезбедување услови за самоконтрола врз нивното трошење. За да се постигне тоа, пак, потребно е време и прилагодување на корисниците кон дефинираните услови и барања, напомена Кели.

 

Платежната агенција преку која се реализираат европските фондови во земјоделството од 2009 година до сега распиша вкупно шест јавни повици за инвестиции во земјоделството, прехранбената индустрија и руралниот развој.