Земјоделците задоволни од владините мерки и условите што се нудат

Дата на објава: 
5 Јуни 2012
image1.jsp.jpg

Владината мерка преку која се обезбедуваат 10,7 милиони евра за земјоделството денеска тема на средбата на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со претставници од фирмите од земјоделскиот сектор.

 

Земјоделците изразија задоволство од прифатените мерки и условите кои се нудат. Средствата ќе бидат достапни од почетокот на јули,  а до нив ќе стигнат побрзо и со пониски трошоци.

 

Министерот Димовски истакна дека на средствата претставниците од земјоделскиот сектор ја дале поддршката за мерките што беа разгледани на средбата. Покрај обезбедените 10,7 милиони евра за земјоделците, разгледани се и барањата за легализација на земјоделската механизација и објекти на земјоделското земјиште, како и за обезбедените 850 хектари државно земјиште што ќе биде дадено на социјално ранливи категории.

- Разговорот помина во конструктивна атмосфера, беа отворени сите прашања, добивме и добри идеи кои во периодот што следи дополнително ќе ги разработуваме, истакна Димовски.

 

- Обезбедивме речиси 11 милиони евра нови средства за поддршка на еден од стратешките сектори во Македонија, а тој е сектор кој ги опфаќа претпријатијата кои откупуваат, преработуваат и извезуваат земјоделски производи, рече министерот Ставрески по средбата. Според него, оваа мерка се вклопува во системските напори на Владата за поддршка на земјоделството почнувајќи од големиот износ на субвенции кои во овие пет години достигнаа 500 милиони евра, преку решавање на проблемот на земјиштето, преку подигнување на стандардите за квалитет и сега во делот на сезонските осцилации и проблемот со кои се среќаваат фирмите кои откупуваат земјоделски производи  или ги преработуваат и извезуваат. Владата, рече, интервенира со оваа нова мерка со која обезбедуваме средства по исклучително поволни услови какви што немало во последните 20 години.

 

Тој додаде дека само со три проценти камата за фирмите што го вршат откупот или преработуваат и извезуваат производите ќе им се  помогне на фирмите да ги надминат ликвидносниот проблем од моментот на откуп до моментот на пласман и наплата на побарувањето, а истовремено ќе им се помогне и на земјоделците бидејќи на ваков начин ќе имаат поголема сигурност дека ќе бидат исплатени од страна на фирмите.

Средствата ќе се пласираат директно преку Македонската банка за поддршка на развојот, за да бидат побрзо достапни и со пониска цена до фирмите. Каматата е 3 проценти. Максималниот износ ќе биде 300.000 евра, но на барање од денешниот состанок, Владата ќе ја разгледа можноста да се зголеми износот до 500.000 евра при откуп на некои стратешки производи како пченица, грозје и друг зеленчук.

 

Според министерот Ставрески, средствата ќе бидат наменски користени и банката ќе ги примени истите стандарди што ги применуваат другите деловни банки во Македонија. За проверка на користењето на средствата ќе биде ставен во функција инспекторатот да провери дали согласно договорот што е потпишан се почитуваат сите услови и дали на адекватен начин се искористени.

- Бидете уверени дека со оглед на тоа дека се тешки времиња и дека беше тешко да се обезбедат овие средства многу ќе внимаваме секој денар да биде правилно искористен и да заврши таму каде што треба. Да бидат задоволни и фирмите кои го вршат откупот или преработката, но и самите земјоделци, истакна Ставрески.

 

Стојмирка Тасевска од Стопанската комора на Македонија изрази благодарност што се прифатени нивните барања за обезбедување средства по поволни услови, како и за легализацијата на објектите на земјоделското земјиште.

- За обезбедување поволни средства неколку години наназад доставувавме барања со главен аргумент да се реши откупот на земјоделските производи почитувајќи го сезонскиот карактер, рече Тасевска додавајќи дека тежок проблем за претпријатијата било да се изврши откупот на целогодишното производство на една култура, да се изврши исплата за два месеца, а извозот да се реализира во наредните 12 месеци.

Таа додаде дека се задоволни што останува можноста дека во иднина има простор да се допрецизираат согласно објективните услови на нашите фирми.

 

Марија Митева од Сковин, исто така, даде поддршка на мерките што беа презентирани на средбата.

- Тоа се средства што ние преработувачите кои откупуваме големи количини грозје во тие два-три месеци ни се неопходни. Тоа се поволни кредити со 3 отсто камата. Со тоа ќе ни се олесни откупот на грозје да ги испочитуваме и лозарите за да градиме долгорочни односи со нив, рече Митева