Министерот Димовски одржа работен состанок со производителите и преработувачите на овошје и зеленчук
Дата на објава:
5 Ноември 2010Подобрување на комуникацијата и координацијата меѓу земјоделските производители и преработувачи за да се заштити секторот од нелојалната конкуренција која прави сериозни проблеми во откупот на овошјето и зеленчукот за преработка. Ова е пораката која вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски им ја пренесе на земјоделските производители и на преработувачите, членки на Македонската асоцијација на преработувачи, на заедничкиот состанок кој се одржа во Струмица.
-Радува фактот дека годинава можеме да се пофалиме со позитивни резултати и во делот на градинарското производство. Финансиската поддршка и соработката на примарните производители, трговците и преработувачите, оваа година резултира со зголемено производство, на некои за државава стратешки земјоделски култури за двасеттина проценти и раст на извозот за дури 40 насто – рече министерот Димовски.