Новости

Соопштение
Дата на објава: 
21 Мај 2014

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сите земјоделци, дека рокот за поднесување барања за субвенции во земјоделството истекува на 31 мај 2014 година. Исто така до заинтересираните земјоделци кои се уште не поднеле барање апелираме да се обратат во подрачната единица на Министертвото за земјоделство, шумарство и водостопнство каде што имаат регистрирано земјоделско стопанство за да поднесат барање во пропишаниот рок.

Стриктното почитување на рокот на поднесување на барање за финансиска поддршка треба да овозможи навремено спроведување на сите потребни постапки за обработка на барањата, и исплата на средствата согласно предвидениот распоред во текот на годината кој е усогласен со типот на земјоделското производство.

Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а  врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни.


Министерот Димовски на конференција на асоцијациите на преработувачите на овошје и зеленчук од регионот
Дата на објава: 
15 Мај 2014
jpeg

Претставници на преработувачките капацитети и на Здруженијата на преработувачи на овошје и зеленчук од Македонија, Србија, Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Босна и Херцеговина учествуваат во работата на Регионалната конференција на преработувачите на овошје и зеленчук што се одржува во Охрид.

Идејата на дводневниот собир е преработувачите на овошје и зеленчук да се сретнат и да ги согледаат можностите за интензивирање на меѓусебната соработка, но и можностите за користење на европските фондови за научно-истражувачки проекти, проекти со регионален предзнак, во рамки на новата финансиска програма на ЕУ.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски во обраќањето пред учесниците на конференцијата ги нагласи стратешките документи што Владата ги усвоила во областа на земјоделството, во насока на зголемување на конкурентноста на македонските производи и развојот на преработувачката индустрија.


Средба на министерот Димовски и Вицепремиерот Ставревски со претставници на земјоделците и компаниите од секторот сточарство
Дата на објава: 
2 Мај 2014
B9.jpg

Конкурентно и рентабилно сточарство ќе биде клучната придобивка од најновата владина мерка за намалување на данокот на додадена вредност за добиточната храна, адитивите и живиот добиток од 18 на пет отсто.

Како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со претставници на земјоделците и компаниите од секторот сточарство, ефектите од намалувањето на ДДВ ќе бидат повеќекратни, пониски трошоци за производството на месо и млечни производи, намалување на сивата економија и зголемување на конкурентноста на фирмите преработувачи.

- Се работи за долгогодишно барање на земјоделците кои беа упорни, со право, со аргументи. Од тие причини ја ставивме оваа мерка во програмата и ја усвоивме уште на првата владина седница, истакна Ставрески, додавајќи дека ова воедно претставува континуитет во мерките за поддршка на македонското земјоделство.


Министерот Димовски во посета на поплавените површини во општина Чешиново Облешево
Дата на објава: 
1 Мај 2014
3.jpg

Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, зедно со градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Костадин Личков извршија увид на поплавените површини од Злетовска Река. Поради обилните врнежи дожд и надојдените води од топењето на снегот од Осоговијата, во текот на вчерашниот ден Злетовска Река се излеа од коритото низводно во атарите на селата Жиѓанци, Новоселани и Лепопелци во општината Чешиново-Облешево. Причината за излевањето е неисчистеното речно корито кое е стеснето на две места.

Министерот Димовски истакна дека штетата може да се санира со една машина гасеничар, за повеќе да нема проблеми. Машината веќе е на терен и се работи на расчистување на коритото,  од што и самите земјоделци се задоволни.

Министерството за земјоделство будно ја следи ситуацијата, но доколку продолжат врнежите реката може уште повеќе да се излие и да ги натлачи (покрие со мил) оризовите површини.


Министерот Димовски го посети производствениот капацитет на Жито Лукс во Шуто Оризари
Дата на објава: 
1 Април 2014
3E71C23667A95C847C5E2949FC2166F9.jpg

Околу 95.000 хектари пченица се посеани годинава и со оглед на временските услови очекуваме подобар квалитет од лани. Приносот ќе биде поголем во подрачјата со пообилни врнежи и најверојатно ќе се движи од 2,7 до 3 тони по хектар, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по денешната посета на „Жито Лукс“.
Владата спроведува програми за подигнување на приносот, пред се преку обезбедување дополнителни субвенции од 3.000 денари за користење сертифициран семенски материјал. Но, како што нагласи министерот Димовски, многу важни се и релациите со откупувачите и производителите на што се посветува огромно внимание.
- Минатата година имаше сериозни проблеми кои успешно ги надминавме токму во соработка со бизнис заедницата и со максимално разбирање на индивидуалните производители. Сакаме да ги исклучиме таквите критични ситуации. Веќе го подготвуваме акцискиот план во соработка со откупувачите и земјоделците за да обезбедиме услови за добар род и регуларен откуп, истакна министерот.


Syndicate content