ИЗВЕСТУВАЊЕ за полагање на испит за добивање на уверение за рибочувар и за добивање на уверение за вршење на стопански риболов
Дата на објава: 
10 Април 2017

Се известуваат сите заинтересирани кандидати дека на 9-ти мај 2017 година, со почеток во 10:00 часот во просториите на Испитниот Центар на ул. Христо Смирненски, бр.30 ламела 1, Скопје, ќе се одржи полагање на испит за добивање на уверение за рибочувар (теоретски дел) и за полагање на испит за добивање на уверение вршење стопански риболов (практичен дел).

 

Испитот за добивање на уверение за рибочувар (теоретски дел) ќе започне во 10:00 часот, а испитот за добивање на уверение вршење за стопански риболов (практичен дел) ќе започне во 12:00 часот.

 

Кандидатите кои ќе го положат теоретскиот дел од испитот за добивање на уверение за рибочувар, практичниот дел од испитот ќе може да го полагаат на 8-ми јуни. И тој испит (практичниот дел) ќе се одржи во просториите на Испитниот Центар на ул. Христо Смирненски, бр. 30 ламела 1, Скопје, со почеток во 08:00 часот.

 

Заинтересираните кандидати за полагање на испитот за добивање на уверение за рибочувар треба да  се државјани на Република Македонија и да се полнолетни.


Промоција на македонски производи на саемот во Мостар
Дата на објава: 
7 Април 2017
Saem vo Mostar.jpg

Македонското квалитетно флаширано вино, јагнешко месо, традиционално овчо сирење, домашен ајвар, лутеница, малиџано, се дел од македонските производи кои се дегустираат на националниот промотивен штанд во Мостар, Република Босна и Херцеговина, во рамки на Мостарскиот саем што се одржува од 4-ти до 8-ми април 2017 година.

 

Интересот за македонските производи, чиј вкус традиционално е познат во овие простори, е многу голем и македонскиот штанд е еден од најпосетените на саемот. На саемот се претставуваат преку 800 изложувачи од 30 земји. Манифестацијата ја отвори хрватскиот премиер Андреј Плетковиќ затоа што оваа година партнер на саемот е Република Хрватска.

 

На свеченоста присуствуваа голем број на државници од регионот и светот меѓу кои српскиот премиер Александар Вучиќ, претседателот на Република Црна Гора Филип Вујановиќ, кинескиот заменик министер за земјоделство Љу Донгѕу и други претставници од високо државно ниво, кои по завршувањето на свеченоста ги посетија изложбените штандови.

 


Македонски винарии на Меѓународниот саем во Дизелдорф
Дата на објава: 
20 Март 2017
Saem za vino.jpg

Вкупно 11 винарии од Македонија, Тиквеш, Сковин, Стоби, Далвина, Бовин, Камник, Езимит, Попов, Мовино, Ројал и Сопот, учествуваат на годинашниот Саем за вино „ProWein“ во Дизелдорф, Германија, што се одржува од 19 до 21 март.

 

И оваа година министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) го поддржа учеството, а при претставувањето на македонските вина посебен акцент е ставен на нашиот најголем репрезент, сортата Вранец со кој може да се запознаат многубројните дистрибутери, увозници и други професионални купувачи на вино од целиот свет.

 

„ProWein“ е водечки меѓународен Саем за вино и алкохолни пијалаци во Европа на кој своите вина ги промовираат 6.000 изложувачи од 50 вински земји во светот. Секоја година брои повеќе од 50.000 бизнис посетители.

 

Македонскиот национален штанд и оваа година е финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на руралиот развој за 2017 година, додека поддршката на здружението „Вина од Македонија“ е во рамки на активностите на МЗШВ за промоција на македонското вино на интернационалните пазари.


Нови 30 возила за Шумската полиција
Дата на објава: 
6 Март 2017
133597851.jpg

Нови 30 теренски возила „дачиа“ со комплетна опрема за Шумската полиција беа промовирани денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

 

Возилата вредни 30 милиони денари, се купени од сопствени средства, на МЗШВ, а ќе бидат доставени до сите 30 шумско-полициски станици низ Македонија. Исплатата ќе се реализира во наредните пет години.

 

- Шумската полиција мора да биде добро опремена. Со набавката на новите возила ќе се зголеми нејзината ефикасност, но ќе се намалат и трошоците што ги прави сега веќе стариот возен парк, истакна министерот за земјоделство Михаил Цветков пред промоцијата.

 

Според него, возилата „лада нива“ со кои располага Шумската полиција се стари 10-15 години, трошат многу гориво, 18-19 литри, а скапо е и нивното одржување. – Оценивме дека со парите кои би ги потрошиле за овие намени, ќе ги плаќаме ратите за новите возила, објасни Цветков.

 


Проект за подобра контрола на храната и болестите кај растенијата и животните
Дата на објава: 
1 Март 2017
Foto.jpg

Јакнење на пазарната економија и подобрување на конкурентноста на македонските земјоделско-прехранбени производи на пазарите на ЕУ преку ефикасна, гарантирана заштита на потрошувачите и стандардите за безбедност на храната, е целта на новиот твининг проект што во наредните 17 месеци ќе го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со финансиска поддршка на ЕУ.

 

Проектот „Понатамошно развивање на контролните системи на надлежните институции за заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата”, е вреден 751.473 евра, а предвидува размена на искуства, пренесување знаења и добри практики за законодавството и ЕУ политиките за обезбедување високи стандарди за безбедност на храната.

 

- Проектните активности се всушност актуелни трендови во политиките на ЕУ за современо водење и управување на службите надлежни за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, истакна министерот за земјоделство Михаил Цветков на промоцијата.

 


Syndicate content